понеделник, август 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Се нормализира состојбата со водоснабдувањето во Штип

Се нормализира состојбата со водоснабдувањето во Штип

1

Состојбата со водоснабдувањето во Штип постепено се нормализира. Поголемиот дел од населбите повторно има вода за пиење, додека жителите во повисоките делови на градот сè уште се соочуваат со проблеми поради намалениот притисок.

Прекинот во снабдувањето настана вчера, откако поради зголемена матност на водата што пристигнува преку цевководот од ХС „Злетовица“, беше исклучена филтер-станицата во Штип.

Александар Арсовски, директор на ЈП „Исар“, објасни дека дошло до зголемена матност поради невремето во Пробиштипскиот Регион, по што било неопходно привремено исклучување на филтер-станицата. 

Но, откако се спаси Штип од дефектот, сега Свети Николе се бори за секоја капка. Апел за рационално користење на водата во Свети Николе вчера упати градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев.

– Поради екстремно зголемената матност предизвикана од невремето во источна Македонија, моментално не сме во можност да ја преработуваме водата од ХС „Злетовица“. Мрежата ја дренираме до промена на квалитетот на водата до вода за преработка. Сѐ уште имаме резерви за водоснабдување, но ве замолуваме за рационално користење, со цел прекинот што го очекуваме во водоснабдувањето да трае што е можно помалку часа – изјави  Владев.

Инаку, Штип вчера беше без вода за пиење од 14:00 часот, па сè до утринските часови. Филтер-станицата се исклучи од цевководот на хидросистемот „Злетовица“ поради големата заматеност на водата, која пристигнува од браната „Кнежево“. Откако се намалила матноста, филтер-станицата повторно била ставена во функција, а водата продолжила да се преработува и дистрибуира во штипскиот водоводен систем.

 

ИЗДВОЕНИ