Министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Шикорски, изјави дека рускиот претседател, Владимир Путин, „би бил луд ако го нападне НАТО“. Тој истакна дека „Путин ја нападна Украина врз основа на супероптимистички претпоставки и гадно се излажа. Но, тоа што не е во состојба да победи во Донбас, а не, пак, да го победи НАТО, не значи дека не може да направи уште една катастрофална грешка“, изјави Шикорски за Третиот канал на јавното Полско радио.
Во своето обраќање, тој се осврна и на зачестените навлегувања на руски воени авиони и беспилотни летала во воздушниот простор на земји членки на Алијансата.
– Не знаеме какви се нејзините намери. Но, знаеме што прави. Таа шпионира, го загадува нашиот информативен простор со лажни вести и со својот наратив, користи разузнавачки агенции, испраќа подметнувачи на пожари, испраќа одреди на смртта да убиваат новинари, бегалци од Русија, ги турка бегалците преку нашата граница – рече Шикорски.
Тој нагласи дека Полска е подготвена да урива руски воени авиони и дронови во својот воздушен простор, бидејќи тоа е еден од елементите на суверенитетот – државата да ја контролира својата територија и да има монопол.