вторник, септември 29, 2026
Дома СВЕТ СЕРИОЗНА КРИЗА ВО АВИЈАЦИЈАТА: Приземјени пет авиони, поради необична миризба

СЕРИОЗНА КРИЗА ВО АВИЈАЦИЈАТА: Приземјени пет авиони, поради необична миризба

0

Пет од седумте авиони на „Air Corsica“ – што претставува повеќе од 70 отсто од нивната флота од овој тип – се привремено приземјени по повторените извештаи за необични мириси што потсетуваат на испарувања од масло, особено во пилотската кабина.

Авионите од типот ATR 72-600 се повлечени од употреба како мерка на претпазливост, а се очекува деталните технички проверки да го утврдат изворот на мирисите и дали се потребни дополнителни мерки.

Точната причина сè уште не е утврдена, а од ATR изјавија дека проверките би можеле да траат неколку недели.

Зошто мирисите предизвикаа толкава загриженост кај компанијата?

Според Пјер Мурачол, претседател на Управниот одбор, мирисите потсетуваат на испарувања од масло, што потенцијално би можело да ги вознемири летачките екипажи.

„Кога повеќе од 70 отсто од вашата флота на ATR е приземјена, тоа се смета за сериозна криза во авијацијата“, изјави тој, како што пренесоа француските медиуми.

Станува збор за појава што повремено може да се случи во авијацијата, но во овој случај, таа покажува необични карактеристики.

„Постојат мириси во пилотската кабина – тоа се случува кај многу авиони – но обично тие траат 20 секунди и не го попречуваат одвивањето на летот“, објасни Ерве Пјер, член на одборот.

Тој додаде дека ситуацијата се променила од крајот на август.

„Се соочуваме со повторливи, упорни мириси кои го оневозможуваат управувањето со авионот.“

Истражителите моментално ја испитуваат можноста проблемот да е поврзан со системот за климатизација.

Според портпаролот на ATR, мерката за приземјување произлегува од потребата да се обезбеди доволно време за да се разбере основната причина за забележаниот проблем и да се дефинираат соодветни корективни мерки, пренесува Танјуг.

„Во оваа фаза, истрагите се во тек, а точната причина за проблемот сè уште не е утврдена“, додаде таа, истакнувајќи дека „Air Corsica“ е единствениот оператор што постојано пријавувал ваков тип на проблем кај неколку авиони во својата флота, објави весникот со седиште во Париз.

„Се очекува техничките проверки да траат неколку недели“, додадоа од ATR.

Во меѓувреме, „Ер Корзика“ (Air Corsica) презеде посебни мерки за во најголема можна мера да го одржи својот распоред на летови, вклучително и ангажирање на неколку чартер-летови – главно од француски авиокомпании – за да овозможи непречено одвивање на сообраќајот на своите линии.

Петте засегнати авиони од типот ATR припаѓаат на иста генерација и ѝ беа испорачани на „Ер Корзика“ во периодот меѓу ноември 2022 и август 2024 година.

ИЗДВОЕНИ