Неверојатна и потресна сцена се случи по натпреварот меѓу ДР Конго и Англија на Светското првенство, кога селекторот на африканската репрезентација, Французинот Себастијан Десабре, на прес-конференција дозна дека починал татко му.
По поразот од 2:1, со кој ДР Конго остана без пласман во осминафиналето, Десабре мирно одговараше на новинарските прашања. Но, на самиот крај од конференцијата, претставник на организаторот му се обрати со зборовите: „Ве известуваме дека тренерот го загуби својот татко. Изразуваме сочувство“.
Видно шокиран, Десабре само го погледна претставникот, без зборови стана од столчето и ја напушти салата.
#RDCvsAngleterre : Soirée cauchemar pour les Léopards. En conférence de presse d’après-match, Sébastien Desabre apprend le décès de son père. pic.twitter.com/DE7y2Oc9CC
— rdc news foot ✊🏾 (@Rdc_News5) July 2, 2026
Начинот на кој му беше соопштена трагичната вест предизвика бројни реакции, бидејќи многумина сметаат дека требало информацијата да му биде пренесена приватно, далеку од камерите и јавноста. Наместо тоа, францускиот стратег дозна за смртта на својот татко пред новинарите, веднаш по еден од најтешките порази во својата кариера.
Овој момент ја засени фудбалската приказна од натпреварот и потсети дека зад резултатите и спортските успеси стојат луѓе што, како и сите други, се соочуваат со најтешките животни загуби.
Инаку, ДР Конго долго време беше во водство на дуелот против Англија и кога помислија сите дека нè чека најголемата сензација на СП, Хари Кејн се погрижи за целосен пресврт. Прво погоди во 75. минута за израмнување, а потоа стрелаше во 86. за голема победа и за пласман во осминафиналето.











