четврток, јули 2, 2026
Дома СВЕТ Иран ги предупреди САД и Израел да не преземаат никаков напад за...

Иран ги предупреди САД и Израел да не преземаат никаков напад за време на погребот на Али Хамнеи

62
Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Ирански воен командант ги предупреди САД и Израел против секаков напад додека земјата се подготвува за државниот погреб на својот поранешен врховен лидер Али Хамнеи, кој беше убиен во воздушни напади на 28 февруари, првиот ден од војната, објави британската новинска агенција „Ројтерс“.

 

„Ги предупредуваме непријателите на Иран, особено САД и ционистичкиот режим (Израел), да избегнат каква било погрешна пресметка и да ги земат предвид острите одговори што нашите вооружени сили би ги дале на каква било закана или агресија врз нашата земја“, изјави Али Абдолахи, командант на Централната команда во Хатам ал-Анбија, во соопштението објавено од државните медиуми.

Погребните поворки ќе започнат на 4 јули во Техеран и ќе завршат на 9 јули со погребот на Али Хамнеи во неговиот роден град Машхад, а церемонии се планирани и во Ком и Ирак.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во среда издаде слично предупредување, велејќи дека Техеран ќе одговори веднаш и енергично на секоја закана против својот народ или лидер, по изјавата на израелскиот министер за одбрана Израел Кац дека сегашниот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, син на покојниот ајатолах Али Хамнеи, е „осуден на смрт“.

Иранските медиуми објавија засилени безбедносни мерки за време на погребот, додека шефот на Организацијата за цивилно воздухопловство на Иран во среда изјави дека ќе бидат воведени привремени ограничувања на воздушниот простор над неколку градови, вклучувајќи ги Техеран и Машхад.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, како и високиот кинески функционер Хе Веи, потпретседател на Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес, ќе присуствуваат на државниот погреб на Али Хамнеи, додаде „Ројтерс“.

ИЗДВОЕНИ