На градилиште пред седиштето на фирма за производство на оружје во четвртокот беа фрлени запаливи направи, во вторникот експлодира трафостаница на истокот од Германија, а ден подоцна и трафостаница на западот од државата. Во средата имаше експлозија на железничка станица, а на почетокот од август имаше напад на аеродромот во Лајциг. Германскиот министер за внатрешни работи рече дека нападот во Лајпциг следел „добро воспоставен модел на руски хибридни операции во Европа“ и дека се очекува Германија повторно да биде цел, но рускиот претседател, Владимир Путин, ја обвини Германија за подметнување докази за да ја обвини Москва
Низа опасни инциденти, идентификувани како терористички акти, ја тресат Германија во последно време. Најновиот се случи во четвртокот, на градилиште пред седиштето на компанијата за производство на оружје „Роде и Шварц“ во Минхен, каде што беа фрлени запаливи направи. Баварската покраинска криминална полиција (ЛКА) објави дека се сомнева во обид за напад и дека се уапсени двајца бугарски државјани кои би можеле да бидат поврзани со случајот.
Наводно, биле фрлени запаливи направи од автомобил на градилиштето околу полноќ, а барем една под нив предизвикала пожар, кој полицијата го изгаснала, а специјалните единици морале да деактивираат друг запалив уред, пишува „Тагешау“. Во врска со случајот се уапсени маж (38) и жена (28), државјани на Бугарија. Градилиштето се наоѓа пред седиштето на компанија што се занимава, меѓу другото, со безбедносна технологија и комуникации за владините агенции и за војската и, како што е наведено на веб-страницата на компанијата, тие нудат системи за радионадзор и безбедносни скенери за воена употреба, како и технологија за мерење и производи за кибербезбедност дизајнирани за цивилна употреба.
Во вторникот се случи експлозија во трафостаница на истокот од Германија, а ден подоцна, во средата, имаше саботажа на трафостаница на западот од земјата, во близина на Келн. Полицијата потврди дека се случил краток спој во трафостаница во близина на Келн откако непознати лица ги оштетиле високонапонските кабли, предизвикувајќи прекин на електричната енергија на неколку блока од термоцентралата „Бергхајм“. Овој, како и претходниот случај, полицијата го оквалификува како чин „насочен против уставниот поредок на Германија“, а политичарите веруваат дека станува збор за напад со терористичка заднина. Истиот ден, во средата, експлодираше непознат предмет на железничката станица во Аугсбург, на југот од Германија, соопшти баварската полиција, при што полесно се повредени момче и девојка од Украина. Како што е објавено, експлозијата се случила помеѓу 3:00 и 5:00 часот изутрината, во преминот на зградата на железничката станица, а пронајден е уште еден сомнителен предмет, кој се покажал како безопасен, објави „Шпигел“. Во експлозијата беа оштетени и прозорци, а главната железничка станица беше привремено целосно блокирана, поради што беше прекинат железничкиот сообраќај. Аугсбург е регионален центар за железнички транспорт, кој се наоѓа на околу 55 километри северозападно од Минхен.
Германската Влада во средата ја обвини Русија за најновиот напад од ваков вид, кој се случи на аеродромот „Лајпциг/Хале“ на 4 август, кога беше откриен дрон со експлозивна направа во близина на украински товарни авиони. Не се случила експлозија, зашто детонаторот наводно бил неисправен, а подоцна во близина биле пронајдени уште два сомнителни дрона. Германија соопшти дека Русија е одговорна за тој напад и во четвртокот нареди нови санкции, кои вклучуваат затворање на рускиот конзулат во Бон. Како одговор Русија почна да ги затвора „Гете“ институтите на своја територија. Александар Добриндт, германскиот министер за внатрешни работи, рече дека нападот на аеродромот во Лајпциг следел „добро воспоставен модел на руски хибридни операции во Европа“ и дека се очекува Германија повторно да биде цел, објави Би-би-си.
Но, рускиот претседател, Владимир Путин, ја обвини Германија за подметнување докази за да ја обвини Русија. Во четвртокот, германските медиуми објавија нови информации поврзани со инцидентот. Тие наведуваат дека истражителите следат траги што водат до Полска и до Србија. Како што дознава „Шпигел“ од безбедносни кругови, еден од двајцата идентификувани осомничени е поврзан со друг инцидент: палење продавница во Полска, во јули 2024 година. Станува збор за лице што наводно било во контакт со руските тајни служби. Истражителите, исто така, ги проверуваат врските помеѓу овој случај во Лајпциг и откривањето експлозиви на 11 јуни, на српско-унгарската граница, каде што српските безбедносни сили уапсија двајца мажи – еден државјанин на Србија и друг со двојно српско и руско државјанство, кои носеле компоненти од модифициран дрон и две канти со експлозиви.
Според информациите објавени од „Билд“, деловите имаат сличности со дронот откриен на аеродромот во Лајпциг. Мажите уапсени на границата се во притвор, а германските власти истражуваат можни врски меѓу нив и лице поврзано со случајот во Лајпциг. Притоа, Србија е опишана како место кое, според европските разузнавачки служби, служи како „жешка точка“ за руски саботажи во Европа и за регрутирање и обука на персонал за руските разузнавачки служби.
Неодамна, Германија беше цел и на таканаречената хибридна војна, зад којa, како што се верува, стои Русија.












