Американскиот претседател, Доналд Трамп, предложи Хормускиот Проток да се преименува во Трампов Проток, со образложение дека САД сега ја имаат контролата над овој стратешки пловен пат. Тој го најави ова на својата социјална мрежа „Трут сошл“, но, сепак, како шега, а не како формална одлука за преименување на протокот.
Овој предлог уследи откако администрацијата на Трамп веќе спроведе промена на географските називи во САД. Во јануари минатата година, Трамп потпиша извршна наредба името Мексикански Залив да се смени во Американски Залив во федералната употреба во САД. Одлуката подоцна беше вклучена во системот за географски имиња на САД, а „Гугл“ и други платформи почнаа да им ја прикажуваат на корисниците во САД. Таа година, Трамп ѝ го врати името Мекинли на највисоката планина во Северна Америка, чие име во федерална употреба од 2015 година беше Денали. Националниот парк во кој се наоѓа планината го задржа името Национален парк и резерват „Денали“.
Најновата промена се однесува на езерото Онтарио. На 27 август годинава, Трамп потпиша извршна наредба со која го преименува во Езеро Америка, за целите на федералниот систем за географски имиња на САД и рече дека долго време размислувал за промена на името на езерото. Потоа, „Гугл мапс“ почна да го користи новото име за корисниците во САД, додека името Онтарио продолжува да се користи во Канада. Трамп ја поврза промената со претходното преименување на Мексиканскиот Залив, велејќи дека тоа е дел од поширока политика за враќање на историските имиња и за зајакнување на американскиот национален идентитет.
– Како што знаете, зедовме нешто што се вика Мексикански Залив, го сменивме неговото име, а сега рутински се нарекува Американски Залив. Ако размислите за тоа, имаме залив и имаме езеро. Сега ни треба само океан. Можеби, ќе треба да го смениме името на Атлантикот и/или Пацификот. Можеби, ќе треба да ги смениме и двете – рече Трамп.
Во низата промени на имиња, „падна“ и Министерството за одбрана. Тоа доби секундарна ознака – Министерство за војна.
Трамп поведе иницијативи за промени на имињата уште при своето второ влегување во Белата куќа. Како што објасни во белешките на извршните наредби за преименувањата, тоа е потребно за да ѝ се оддаде почит на американската величина. Промените се направени на официјалните федерални карти и документи на САД, но тие не можат автоматски да го променат начинот на кој другите земји и меѓународните институции ги нарекуваат истите географски термини. Ниту Канада го вика езерото Онтарио Езеро Америка, ниту, пак, за Мексико Мексиканскиот Залив е Американски Залив. Ситуацијата со Денали е различна, бидејќи планината се наоѓа на територијата на САД, па Вашингтон би можел да го смени името на федералните карти и документи. Но, таа одлука предизвика отпор во Алјаска, каде што името Денали е во официјална и секојдневна употреба со децении.











