Во Музејот на современата уметност – Скопје, вечерва е отворена изложбата „Тапети“, која обединува дела од различно потекло. Темите, мотивите и уметничките пристапи на неколку генерации се испреплетуваат и меѓусебно се надополнуваат, откривајќи ја универзалноста на уметноста и уметничкото творештво. Како што беше потенцирано, изложбата „Тапети“ ги поврзува енергијата, креативноста и културата.

Министерот за култура, Зоран Љутков пред присутните истакна дека станува збор за уникатен проект што создава жив дијалог меѓу современата уметност на Македонија и Австрија.

– Оваа изложба е повеќе од презентација на уметнички дела. Таа е мост на пријателство, соработка и заеднички вредности, изграден преку колекциите на МСУ и ЕВН Австрија. Особено радува фактот што концептот, создаден во Австрија, денес добива нов живот во Скопје, во еден од најзначајните простори на современата уметност. Културата останува најсилниот јазик на поврзување меѓу народите. Преку вакви проекти градиме трајни пријателства, го поттикнуваме меѓукултурниот дијалог и создаваме простор за нови идеи, инспирација и соработка – истакна меѓудругото министерот за култура, Зоран Љутков кој упати  искрена благодарност до амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, до директорот на Музејот на современата уметност, Авни Ќаили, до претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Мајер, како и до сите кои придонесоа за реализацијата на овој значаен културен настан.

Колекцијата на ЕВН Австрија е воспоставена во 1995 година и е фокусирана на интернационална современа уметност, има кураторски тим кој што ја води колекцијата. Во 2018 година, за прв пат оваа колекција почнува да се интересира за тапети. Во дирекцијата на ЕВН Австрија поставуваат тапети кои, всушност се позадини на уметничките дека што се дел од колекцијата и ги претставуваат генерално вработените, но имаат и надворешна публика.

– Овие тапети за прв пат излегуваат од дирекцијата на ЕВН Австрија и голем дел од нив се поставени на параваните во Музејот на современата уметност – Скопје и се во комуникаци со македонската колекцијата на МСУ во смисла да се покаже универзалноста на уметноста како овие две колекции, независни една од друга, одлично комуницираат. Изложени се 70 дела, од МСУ се 17 дела, а другите се донесени од Австрија. Изложбата официјално ќе трае еден ипол месец, но доколу има интерес ќе се обидеме заедно со Музејот да го пролонгираме терминот да може да биде видена подолго време – истакна Никола Мартиноски од Одделот за комуникации во ЕВН Македонија.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ