Седмица на одлука за Украина?!

0
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Ова би можела да биде клучна недела за мировните преговори меѓу Украина и Русија. Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, денеска ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, потврди портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

„Се чини дека претстојната недела ќе биде „клучна“ за Украина, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, на 1 декември.

„Може да биде клучна недела за дипломатијата. Наредните денови би можеле да означат пресвртница за дипломатските напори за Украина“, изјави Калас пред новинарите.

Таа додаде дека „слушнале“ дека разговорите меѓу високите украински и американски делегации во Флорида биле тешки, но продуктивни. Американската и украинските делегации ги опишаа разговорите во Флорида за планот за завршување на војната што САД го претставија пред десет дена како „продуктивни“.

Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и американскиот државен секретар Марко Рубио, се сретнаа со украинскиот преговарачки тим на 30 ноември.

Разговорите во Мајами траеја околу четири часа. Потоа, и Рубио и новиот украински преговарач, Рустем Умеров, ги опишаа разговорите како продуктивни.

Рубио рече дека е уверен дека војната би можела наскоро да заврши. Иако сè уште има тешки прашања, американската влада остана оптимист, додаде тој, пренесува Дојче Веле.

„Нашата цел не е само да ја завршиме војната. Исто така, сакаме да ѝ помогнеме на Украина да биде безбедна засекогаш. И сакаме да започнеме период на просперитет за Украина“, рече Рубио.

Трамп, кој не беше директно вклучен во преговорите, на повратниот лет од Мар-а-Лаго до Вашингтон изјави дека има добри шанси за договор.

Сепак, Украина сè уште има некои сериозни проблеми, како што се корупциските скандали, додаде Трамп.

Шефот на Белата куќа за скандалот рече дека „не е многу од корист“.

Скандалот го принуди претходниот главен преговарач на Украина, Андриј Јермак, да поднесе оставка. Новиот главен преговарач, Умеров, му се заблагодари на Рубио.

„Соединетите Држави нè слушаат. САД нè поддржуваат. САД се на наша страна“, ррече Умеров.

Фокусот на три клучни точки

Ниту Рубио ниту Умеров не зборуваа за содржината на преговорите. Но, новинарите кои го следеа состанокот во Флорида известуваат дека разговорите се фокусирале првенствено на три клучни точки.

Прво, безбедносни гаранции за Украина за да се спречи уште еден напад врз земјата. Второ, што ќе се случи со желбата на Украина да се приклучи на НАТО? И трето, кои територии ќе ѝ ги отстапи Украина на Русија? Во Москва, специјалниот пратеник Виткоф треба да разговара за статусот на преговорите со Русија.

ИЗДВОЕНИ