Поранешниот американски тренер по гимнастика, Шон Гарднер, е осуден на неверојатни 90 години затвор поради тајно снимање малолетни спортистки во гимнастички објект во Пурвис, Мисисипи. Казната ја изрече американската окружна судијка Кристи Џонсон, откако 39-годишниот Гарднер призна вина по три точки од обвинението за производство на материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Според истрагата, Гарднер поставил скриена камера во тоалетот на салата во периодот од декември 2017 до април 2018 година, со цел да ги снима своите ученички додека се пресоблекувале или го користеле тоалетот.
Истражителите откриле снимки од најмалку 10 малолетнички, а како доказ биле запленети околу 50 видеа и 400 фотографии. Материјалите биле пронајдени на неговите компјутери години подоцна, за време на истрага поврзана со наводи за сексуално злоупотребување гимнастичарки во Ајова.
Случајот повторно ја отвори дебатата за безбедноста на младите спортисти и одговорноста на организациите што треба да ги заштитуваат од злоупотреба.
Една од поранешните ученички на Гарднер, Либерти Рејнс, раскажа за „Си-би-ес њуз“ дека имала само 11 години кога почнала да тренира во неговиот клуб. Таа се присети дека тренерот бил харизматичен и дека тогаш не сфаќала дека дел од неговото однесување било несоодветно.
Според нејзиното сведоштво, децата се ределе за да ги прегрне, а тој ги бакнувал во челото и ги допирал по задникот.
Случајот предизвика сериозни прашања за тоа како ваквото однесување можело да остане незабележано и дали институциите направиле доволно за да ги заштитат младите спортистки.











