Дванаесет лица се повредени по уривањето на барот „Темпраниљо“ во шпанскиот град Сан Висенте де ла Сонсиера, соопштија локалните власти.
Според Цивилната гарда, повик во врска со несреќата бил примен околу 5:25 часот наутро по локално време. Во моментот на уривањето, во објектот се наоѓале околу 50 луѓе, пренесува „Ел Паис“.
Првичните информации укажуваат на тоа дека најпрво се урнал подот, по што следело и уривање на дел од таванот на зградата.
Еден маж се здобил со скршеница на ногата и отворена рана, додека другите повредени лица претрпеле само полесни повреди. Осум лица биле пренесени во медицински установи, а еден млад човек бил однесен во здравствен центар во блискиот Хар од страна на негов пријател.
Во операцијата за спасување учествувале пожарникари, припадници на Цивилната гарда, медицински екипи и специјалисти за цивилна заштита. Пребарувањето на теренот со куче-трагач потврдило дека нема затрупани лица под урнатините.
Локалните власти исто така соопштија дека при уривањето била оштетена соседна куќа, при што еден од нејзините ѕидови се срушил. Во тој момент во објектот немало никој, па оттаму немало други повредени лица.












