Илјадници фирми и граѓани сè уште му должат пари на државниот буџет. На листата има и нови имиња во споредба со претходната објава. Долгот продолжува да расте и веќе надмина 13 милијарди денари (повеќе од 200 милиони евра)

 

Управата за јавни приходи ја објави новата листа на даночни должници, а бројките покажуваат дека сè уште има многу фирми и граѓани кои не ги завршиле своите обврски кон државата.

На најновата Листа на должници бр. 07/2026 се најдоа вкупно 5.156 правни и физички лица. Од нив, 2.007 се фирми, што е за 66 повеќе од претходната листа, додека 3.149 се физички лица, односно 32 повеќе во споредба со минатиот список.

Станува збор за долгови кои стигнале заклучно со 31 март 2026 година, а не биле платени до 30 јуни 2026 година. На списокот има неплатени обврски за ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за социјално осигурување, акцизи и царини.

На листата се објавуваат физички лица и самостојни вршители на дејност кои должат повеќе од 120.000 денари (околу 1.950 евра), како и правни лица со долг над 300.000 денари (околу 4.880 евра).

Според податоците на УЈП, вкупниот нето-долг на сите должници достигнал 13,08 милијарди денари (околу 212,7 милиони евра). Во споредба со претходната листа, долгот е зголемен за повеќе од 162 милиони денари (околу 2,63 милиони евра).

Најголемиот дел од долгот, 12,86 милијарди денари (околу 209,1 милиони евра), се однесува на неплатени даноци и придонеси, додека за царински давачки се должат уште 213,57 милиони денари (околу 3,47 милиони евра).

Од УЈП потсетуваат дека секој даночен обврзник кој смета дека има неточни податоци на листата може да се обрати до надлежната регионална дирекција на Управата за јавни приходи или до Царинската управа, во зависност од видот на долгот.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ