Се казнува и за ситно над дозволеното, МВР размислува за продолжување на тест-периодот

Врие на социјалните мрежи од тест-казните на „Безбеден град“

0

На првиот ден од тест-периодот, полицијата преку системот „Безбеден град“ испратила вкупно 110.000 СМС-пораки за направен прекршок, од кои преку 90 % за побрзо возење од дозволеното, 5.000 за поминување на црвено, а 1.000 бидејќи табличките ги немало во регистрираните возила. Возачите бараат од МВР, кое е надлежно за системот, да воведе толеранција во однос на пропишаната брзина и нејзиното пречекорување. „Системот треба да биде добро калибриран. Не може на автопат со ограничена брзина од 120 км/ч, а на десет метри пред камерата да има знак за ограничување од 100 или 80км/ч, како што е на автопатот Тетово – Скопје, на социјалните мрежи се води голема дискусија по новото секојдневие со камерите. Министерот Панче Тошковски рече дека има можност пробниот период да се продолжи за еден месец.

Лавина од реакции на социјалните мрежи од граѓаните кои од понеделникот почнаа да го искусуваат тест-периодот од камерите на „Безбеден град“. Возачите бараат од МВР, кое е надлежно за системот, да воведе толеранција во однос на пропишаната брзина и нејзиното пречекорување. Така, во текот на првиот ден од тест-месецот, на места каде што е пропишана брзина на возење од 50 километри на час, а возачи возеле двојно повеќе, им стигнала „поздравна“ СМС-порака од „Безбеден град“.

Целосно го поддржувам проектот, но системот мора да се приспособи, да има праг на толеранција од 5 до 10 километри на час за брзина на движење во градска средина. Вниманието на возачите ќе се насочи кон брзинометарот наместо кон сообраќајот и ќе се отиде во друга крајност. Сообраќајот ќе се забави на 40 km/h што ќе предизвика дополнителни проблеми со овој број возила, пишува скопјанец на фејсбук-страната на МВР.

Друг, пак, прашува што ако камерата го затече на одминат семафор, а поради гужвата морал да застане среде раскрсница, и се сомнева дека проектот има за цел да го полни државниот буџет.

Поранешниот пратеник Зоран Шапуриќ, кој бил еден од авторите на Втората национална стратегија за безбедност на сообраќајот и заложник брзината во населени места да се ограничи на 50 км/ч, вели дека е потребна сообраќајна инфраструктура за проектот да има смисла.

Што ќе се случи ако некој застане или се паркира поради дефект, или за да помогне некому, или, пак, кога застануваат родителите да ги земат децата од градинка или училиште, а нема каде да се паркираат, на многу улици нема место за контејнери и тие се буквално среде улица и мора да се заобиколи контејнерот со премин на друга коловозна лента, што се случува поради метеж, кога возилата се заглавени на семафорите, или, пак, семафорите не работат. Тие автоматски ќе бидат регистрирани без никаква вина како прекршители, пишува Шапуриќ и бара покрај камерите, да има присутност и на сообраќајна полиција, особено на раскрсниците и на најпрометните улици каде што владее сообраќаен хаос.

– Имаме повеќе жртви во сообраќајот од земјите на ЕУ, и тоа само врз индикаторот бројот на населението, но ако се земе предвид колку едно возило кај нас просечно поминува км, споредено со земјите во ЕУ, состојбата кај нас е уште полоша, пишува тој.

Системот треба да биде добро калибриран. Не може на автопат со ограничена брзина од 120 км / ч , на десет метри пред камерата да има знак за ограничување од 100 или 80 км / ч, како што е на автопатот Тетово – Скопје. На автопатот Гостивар – Тетово е ограничен на 80 км /ч, а кој вози максимум толку. Внатре, во градовите, треба да се знае колку е точно ограничената брзина во секоја улица каде што има камери, до која брзина ќе се толерира и за такви работи да стигнува опомена, а не казна. Мора да има поставена толеранција од 10 км /ч во градските зони и 20 км / ч на автопатиштата, на секоја камера да имаме реален и ефикасен систем, предлага возач од Западна Македонија.

Министерот за внатрешни работи, по првиот ден од пробниот период, кога граѓаните ќе добиваат пробни налози од сторениот прекршок, вели дека има разбирање за граѓанските реакции, но бројот на жртвите во сообраќајот не можат да толерираат. Лани во Македонија, во сообраќајки, загинале 142 и по бројот на жртви сме двојно повеќе од европскиот стандард.

Тошковски најави дека пробниот период може да се продолжи за уште еден месец сè со цел граѓаните да се приспособат и конечно да ја зголемат свесноста кога седнуваат за воланот.

– Она што треба да го направиме заедно сега во Министерството за транспорт е ревизија на точките од патиштата каде што има камери, односно дали таму има сообраќајни знаци по кои треба возачите да се водат колку и како да возат на патот. Понатаму, увидовме дека кај мал број прекршоци, податоците од возилото не се исти со податоците на лицето што ја примил пораката, односно казнениот налог, изјави Тошковски и објави дека во првиот ден од тест-периодот биле испратени вкупно 110.000 СМС-пораки за направен прекршок, од кои преку 90 % за побрзо возење од дозволеното, 5.000 од возачите биле „фатени“ на црвено, а 1.000 таблички ги немало во регистрираните.

Во однос на толеранцијата за брзината, министерот рече дека ќе се размислело.

„Има земји во Европа каде што нема никаква толеранција, некаде има на ниво на 10 % од стартната брзина за прекршок, ќе размислиме“, рече министерот.

Тошковски има визија до 2050 година Скопје да има нула сообраќајни жртви. Од казните нема да бидат изземени и функционерите, јасен е тој.

Системот од камери „Безбеден град“, во првата фаза ќе се користи за контрола во сообраќајот во Скопје, Тетово и во Куманово. Планирано е да се почне со тест и на коридорите 8 и 10, а во следната фаза со камери ќе биде покриена цела Македонија, најавија од МВР.  Од понеделникот почна пробниот период на проектот „Безбеден град“ кој ќе трае еден месец, а од 1 јануари 2026 ќе стартува и казнувањето. (П.А.)

 СТРАНСКИТЕ ВОЗИЛА МОЖАТ ДА ЈА НАПУШТАТ ЗЕМЈАВА БЕЗ ДА ПЛАТАТ КАЗНА, АМА НЕ МОЖАТ ДА ВЛЕЗАТ ДОДЕКА НЕ ПЛАТАТ

На странците што ќе направат прекршок на патиштата низ земјава не може да им се забрани излез, но ќе добијат известување дека нема да можат да влезат на граница ако не ја платат казната.

„Ниту странските возила нема да бидат исклучени, имаме утврдено правила и процедури како ќе се констатираат прекршоците од страна на конкретен сторител и како ќе бидат наплатени. Странските возила при излез од Македонија не можат да бидат спречени да излезат, тоа е согласно со законот, и не може да биде поинаку, но ќе бидат информирани дека нема да им биде дозволен влез доколку не си ја платат казната што ја предизвикале. Не велам дека системот е идеален, сигурно ќе има одредени елементи и чекори кои можат подобро може да се решат“, изјави Тошковски.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ