Со Албанија веќе интензивно се работи на изнаоѓање алтернативна траса за автопатот Ќафасан –Требеништа, со цел да се заштитат културното наследство и биодиверзитетот, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој посочи дека изградбата на автопатот не е доведена во прашање, туку се разгледуваат различни опции за трасата, согласно со препораките на УНЕСКО.

– Автопат ќе се гради, не е веќе прашање дали ќе се гради. Она што треба да се направи е да се избере соодветна маршрута за да не се наштети ниту на културно-историското наследство ниту на биодиверзитетот – рече Николоски.

Според него, промената на трасата не е новина, посочувајќи го примерот со автопатот Гостивар –Букојчани, каде што трасата била изменета поради заштита на пештери и еколошки аспекти. Николоски информираше и дека добро напредуваат работите на патот Извор – Гарски Мост, каде што поради наследени проблеми со свлечишта, се преземаат дополнителни активности.

За автопатот Тетово – Кичево, кој е поделен на три делници, најави дека првите километри од делницата Тетово – Гостивар се очекуваат во текот на следната година, додека целосното завршување на првите две делници е планирано до крајот на 2029 година.

Тој најави и дека до крајот на годинава треба да биде изготвен законот за крајбрежјата на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, со кој треба да се уредат проблемите поврзани со плажите и да се почитуваат препораките на УНЕСКО.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ