Јавното претпријатие за државни патишта во Програмата за 2025 година предвиде инвестиција од 30 милиони денари за санација на најоштетените делови од магистралниот пат А4, кој води од Струмица до границата кон Бугарија. Средствата се искористени за реконструкција и за надградба на три клучни делници.
– Санацијата опфати делови кај Робовска раскрсница, од селото Секирник кон селото Сушица, како и патот низ Ново Село, во должина од околу два километра и со променлива ширина на коловозот од околу 6,5 метри. Вкупно, обновени се 10.500 квадратни метри асфалтна површина, со целосно стружење на старите, оштетени слоеви и вградување 2.000 тони нов асфалт. Обновената инфраструктура ќе овозможи побрз, побезбеден и покомфорен сообраќај за сите учесници во сообраќајот – вели директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.