
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени за нова воена акција против Иран доколку Техеран не даде одговори што Вашингтон ги смета за прифатливи во преговорите за мировен договор. Тој додаде дека ситуацијата е „на самата граница“ и дека може брзо да ескалира. Според него, САД може да почекаат уште неколку дена, но доколку не добијат „вистински одговори“, американската страна е подготвена да реагира.
Изјавата доаѓа во период на продолжено примирје меѓу САД и Иран, но и на ограничен напредок во разговорите за прекин на конфликтот. Вашингтон инсистира Иран да се откаже од можноста да развие нуклеарно оружје, додека Техеран бара укинување на санкциите, ослободување на замрзнатите средства и промена на американската политика во регионот.
Иран остро реагираше на американските предупредувања. Револуционерната гарда соопшти дека секоја нова агресија врз Иран би предизвикала поширок конфликт и дека војната овојпат би можела да се прошири надвор од Блискиот Исток. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека Техеран е отворен за преговори, но дека принудувањето на Иран на капитулација е „илузија“. Иранското Министерство за надворешни работи, пак, тврди дека преговорите се водат сериозно, но дека постои недоверба кон американското постапување.
Засега нема официјална потврда дека САД донеле конечна одлука за нов напад. Последните изјави на Трамп, сепак, покажуваат дека преговорите се движат под силен воен притисок и дека следните денови ќе бидат клучни за тоа дали примирјето ќе се задржи или конфликтот повторно ќе се отвори.











