Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека САД немаат интерес за „долготраен конфликт“ на Блискиот Исток и дека вчерашниот напад е „тесна и ограничена“ акција за обезбедување мир во регионот, пишува Би-би-си.
Говорејќи за ABC News, Венс рече дека американските напади „значително“ ја ослабнале иранската нуклеарна програма, уназадувајќи ја „со години или повеќе“.
Тој потоа ја повика иранската влада да „одбере паметен пат“ и да соработува со САД за „да ја разбие таа нуклеарна програма“.
„Не сакаме Иран да има нуклеарно оружје и мислам дека таа цел ќе продолжи да ја води американската политика во годините што доаѓаат“, додаде тој.
САД ќе водат „разговори со Иран“ за нивните резерви на збогатен ураниум, рече тој, „за да се осигура дека тоа гориво се користи на правилен начин“.
Венс, исто така, го предупреди Иран да не ги напаѓа американските војници, нагласувајќи дека таквите потези ќе бидат одговорени „со огромна сила“.