САД ја удвоија наградата за апсење на Мадуро! Венецуела: „Достоинството не е на продажба“

41
EPA/YURI KOCHETKOV

Соединетите Американски Држави нудат награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, изјави вчера американската државна обвинителка Пем Бонди.

Во видео објавено на „X“, Бонди го обвини Мадуро за соработка со групи, вклучувајќи ја венецуелската затворска банда Трен де Арагуа и нарко-картелот Синалоа.

Венецуелскиот министер за надворешни работи, Иван Гил, наведе на Телеграм дека објавата е „најсмешната димна завеса што некогаш е видена“.

„Додека ги разоткриваме терористичките заговори оркестрирани од нејзината земја, оваа жена прави медиумски циркус за да ја задоволи поразената крајна десница во Венецуела“, рече Гил.

„Достоинството на нашата татковина не е на продажба. Ја осудуваме оваа сурова политичко-пропагандна операција“, додаде тој.

Наградата првично беше одредена на 15 милиони долари во 2020 година, кога американските обвинители го обвинија Мадуро за трговија со дрога. Таа беше зголемена на 25 милиони долари во јануари 2025 година, кога Мадуро положи заклетва за трет мандат, заедно со нови санкции против високи венецуелски функционери.

ИЗДВОЕНИ