Руското Министерство за надворешни работи повторно ги предупреди странските државјани, вклучително и дипломатскиот персонал, да не престојуваат и да не патуваат во Украина, објави во саботата руската новинска агенција ТАСС.
Министерството повтори дека руските вооружени сили продолжуваат да изведуваат систематски напади врз воени цели во Киев и други украински градови како одговор на „терористичките акции на украинската војска насочени против цивилното население и инфраструктурата на Русија“.
„Руското Министерство за надворешни работи повторно ги предупредува странските државјани, вклучително и дипломатскиот персонал, да не престојуваат и да не патуваат во Украина. Целосната одговорност за какви било можни негативни последици лежи кај оние што го игнорираат ова предупредување“, се нагласува во соопштението.
Министерството потсети дека Русија претходно ги повика странските државјани и дипломатите да го напуштат Киев и да се воздржат од патување во Украина, а исто така ги повика жителите на земјата да се држат подалеку од воени, административни и инфраструктурни објекти.
„Тоа предупредување беше вклучено во изјавата на руското Министерство за надворешни работи од 25 мај 2026 година и во дипломатските ноти испратени до странските партнери; тоа беше пренесено и од заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, за време на брифингот за дипломатскиот кор на 27 мај 2026 година“, се наведува во соопштението. Властите во многу земји – вклучително и САД, Обединетото Кралство, земјите-членки на Европската Унија, Норвешка и Швајцарија – постојано ги советуваа своите граѓани да не патуваат во Украина. Последното такво предупредување беше издадено во август, се истакнува во соопштението.
Руското министерство констатира дека не сите „ги послушале овие предупредувања и дека поединци свесно се изложуваат на смртна опасност. Многу амбасади продолжуваат да работат во Киев, а странски официјални лица патуваат во Украина во посета“.
„Руските вооружени сили ќе продолжат да изведуваат масовни одмазднички напади“, додаде руското министерство, пренесе „Бета“.












