Рускиот дизел наскоро би можел да пристигне на американскиот пазар, откако претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, постигнале договор за можноста за испорака на руско гориво на светскиот пазар.
Според потпретседателот на руската влада, Александар Новак, првите испораки на дизел во САД би можеле да пристигнат од 15 до 20 дена по потпишувањето на комерцијалните договори. Земјите што се географски поблиску до Русија би можеле да го добијат горивото и порано.
Новак за руската агенција „Вести“ изјавил дека преговорите за комерцијалните услови се во завршна фаза, односно дека се привршуваат договорите по чие склучување би можеле да започнат испораките.
Путин и Трамп ја отвораат вратата за руското гориво
Според Новак, договорот бил постигнат за време на телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп на 9 октомври.
Москва сега тврди дека руските производители би можеле дел од вишокот дизел да го пласираат и на американскиот пазар.
Русија, според Новак, месечно троши меѓу 3,5 и четири милиони тони дизел-гориво, додека количината на вишокот наменет за извоз е приближно еднаква на таа количина.
„На светскиот пазар месечно испорачуваме дополнителни 3,5 милиони тони. Тоа значи дека во моментов имаме вишок на домашниот пазар“, изјавил Новак.
Според неговото објаснување, извозот е неопходен и за да се спречи намалување на преработката во руските рафинерии поради недостиг на простор за складирање.
Москва ја предупредува Европа: „Си пука во сопствената нога“
Додека рускиот дизел би можел да тргне кон САД, Москва истовремено ја предупредува Европа дека одлуката за целосно откажување од руските енергенси може скапо да ги чини европските потрошувачи. Новак особено зборувал за пазарот на гас, тврдејќи дека Европа во моментов нема доволно можности да го надомести потенцијалниот недостиг.
Како еден од проблемите тој го посочил затворањето на Ормускиот Теснец, како и прекинот на работата на еден катарски погон по нападите во март.
„Поради тоа, европските политичари, според мое мислење, си пукаат во сопствената нога доколку ги забранат испораките, вклучително и оние од Русија“, изјавил Новак.
Според него, последиците на крајот би ги почувствувале токму граѓаните на Европската Унија.
„Како последица на тоа, ќе дојде до недостиг“, предупредил тој.
Европа постепено ја затвора вратата за рускиот гас
Истовремено, Европската Унија продолжува со планот за постепено укинување на увозот на руски гас. Советот на ЕУ во јануари усвои регулатива со која се предвидува постепено укинување на увозот на руски течен природен гас (ЛНГ), како и на гасот што се транспортира преку гасоводи.
Забраната за увоз на ЛНГ врз основа на краткорочни договори почна да се применува на 25 април 2026 година, додека за долгорочните договори ќе важи од 1 јануари 2027 година.
Новак, сепак, тврди дека рускиот ЛНГ ќе продолжи да пристигнува на европскиот пазар до почетокот на следната година и дека станува збор за „прилично значителни количества“.
Според податоците што ги изнел, Русија во моментов учествува со 17 до 20 отсто во увозот на ЛНГ во ЕУ.
Така, на енергетскиот пазар се создава донекаде парадоксална слика: Европа се обидува да ја намали зависноста од руските енергенси, додека Москва истовремено тврди дека руското гориво би можело да најде пат дури и до американскиот пазар.
Доколку најавениот договор се реализира, рускиот дизел би можел да тргне кон САД, додека Европа, според предупредувањата од Москва, би можела да остане без дел од руските енергенси и да се соочи со нов притисок врз цените.












