Најмалку 37 лица загинаа, а 42 се повредени – меѓу кои и четири деца – во руски напад врз регионот на Киев, кој предизвика силна експлозија и пожар во магацин во селото Мила, соопштија локалните власти.
Руско беспилотно летало го погоди објектот во Мила, лоциран на околу пет километри западно од Киев, долж автопатот Киев-Чоп, вчера околу 20:10 часот по локално време.
По ударот избувна голем пожар, проследен со детонации на муниција, соопшти Канцеларијата на главниот обвинител на Украина.
Меѓу загинатите е и локален лидер на заедницата
Во нападот загина и Тарас Дидич, раководителот на заедницата Дмитривка – во чиј состав влегува и селото Мила – соопшти гувернерот на Киевската област, Тимур Ткаченко.
Според него, Дидич бил меѓу првите што пристигнале на местото на настанот за да помогнат.
Околу 11:30 часот по локално време, Ткаченко предупреди дека бројот на жртвите може дополнително да се зголеми.
Екипите за спасување утринава продолжија со гаснење на пожарите, расчистување на урнатините и потрага по преживеани. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во операцијата биле вклучени повеќе од 300 припадници на службите за итни интервенции.
Евакуирани 381 лице
Во нападот и последователните експлозии беа оштетени најмалку 50 станбени објекти.
Локалните власти соопштија дека е оштетен и дом за згрижување на стари лица и лица со попреченост.
Од погодената област беа евакуирани вкупно 381 лице, меѓу кои и 59 деца.
Ткаченко исто така најави дека 30 август ќе биде прогласен за ден на жалост во Киевската област.
Експлозиите траеле со часови
Поради големиот пожар и секундарните експлозии, властите привремено го затворија делот од автопатот Киев-Чоп за да ги олеснат операциите за спасување и евакуацијата на жителите.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа силна експлозија, проследена со голема огнена топка што се издига кон ноќното небо.
Пожарникари, полиција, експерти за деминирање и други служби за итни интервенции со часови работеа на местото на ударот. Претходно во текот на ноќта, властите пријавија шестмина повредени и непознат број на жртви, при што бројот на загинати се зголемуваше како што спасувачите навлегуваа подлабоко во погодената област.
🇺🇦🇷🇺Close up footage of secondary detonation after Russian Geran-4 drone attack on ammunition depot in Bucha,Kiev. pic.twitter.com/sjhxDW2x8B
— Global Surveillance (@Globalsurv) August 28, 2026












