Русија: Гаранциите што ги бара Киев се опасност за европскиот континент

321
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Русија денеска оцени дека безбедносните гаранции што ги бара Киев како дел од решавањето на конфликтот во Украина би претставувале „опасност за европскиот континент“. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, повтори дека Москва ги смета безбедносните гаранции што ги бара украинскиот претседател Володимир Зеленски за „апсолутно неприфатливи“.

„Ова не се безбедносни гаранции за Украина, тие се гаранции за опасност за европскиот континент“, изјави Захарова пред новинарите на економска конференција во Владивосток, на рускиот Далечен Исток.

Таа, исто така, рече дека Русија одбива да разговара за каква било „странска интервенција“ во Украина.

„Русија нема намера да разговара за странска интервенција во Украина, што би било фундаментално неприфатливо и би ја поткопало каква било форма на безбедност, во кој било формат“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Денес ќе се одржи состанок на Коалицијата на подготвените, која ги обединува околу 30 земји, претежно европски, подготвени да обезбедат поддршка на украинската армија, па дури и да распоредат војници во Украина откако ќе се постигне прекин на огнот.

Францускиот претседател Емануел Макрон, Зеленски и други европски лидери утре ќе имаат телефонски разговор со Доналд Трамп по нивниот самит на Коалицијата на подготвените за безбедносни гаранции за Украина.

Како што неодамна објави украинското претседателство, разговорите, со кои копретседатели се Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, ќе се фокусираат на безбедносните гаранции за Украина.

ИЗДВОЕНИ