Претседателот на Романија, Никушор Дан, изјави дека шансите конфликтот да се прошири надвор од Украина се „исклучително мали“ и оти Русија во моментов не е способна да го нападне НАТО.
Во интервју за телевизијата Digi 24, Дан оцени дека Русија од 2014 година води „информациска војна“ против западниот свет, обидувајќи се да влијае врз политичките одлуки во демократските земји и да создаде недоверба кон западниот модел.
– Русија, со просечна економија, се обидува да ги надомести своите воени недостатоци таргетирајќи го населението и влијаејќи врз одлуките донесени со демократско гласање, рече романскиот претседател.
Тој нагласи дека европските и западните земји покажале решителност во одбрана на територијата на НАТО, посочувајќи го примерот со дроновите кои влегоа во полскиот воздушен простор и брзата реакција на министрите за одбрана на НАТО во зајакнување на одбраната на источното крило.
Дан оцени дека европската солидарност во одбрана на демократијата е посилна од порано, додека Романија е добро позиционирана во кибер-безбедност, но заостанува во сузбивањето на дезинформациите.
– Мора да се браниме во реално време против лажни веб-страници и манипулации кои доаѓаат од Русија, предупреди Дан, додавајќи дека Романија активно и помага и на Молдавија во заштита на информативниот простор.