Родилиштата тивки, статистиката алармантна: Бела чума ја пустоши Македонија, за девет месеци исчезнал еден град колку Дојран!

Државниот завод за статистика ги објави податоците за природното движење на населението во третиот квартал, заклучно со крајот на септември, а кои покажуваат дека за првите девет месеци од годинава населението се намалило за дури 3.425 лица! Односно, за толку повеќе имало умрени лица отколку новородени бебиња. Ова е значително повеќе во однос на истиот деветмесечен период од минатата година, кога негативниот природен прираст изнесувал 2.440 лица. Според објавените квартални статистички податоци за првите девет месеци од годинава, во земјава биле родени 11.698 бебиња, но истовремено умреле 15.123 лица. Искуствата покажуваат дека трендот ќе продолжи и до крајот на годината, со што ова ќе биде седма година по ред во која Македонија има негативен природен прираст

126

Продолжува намалувањето на бројот на населението во земјава како резултат на поголем број умирачки споредено со бројот на раѓања, покажуваат најновите статистички податоци. Државниот завод за статистика денеска ги објави податоците за природното движење на населението во третиот квартал, заклучно со крајот на септември, а кои покажуваат дека за првите девет месеци од годинава населението се намалило за дури 3.425 лица! Односно, за толку повеќе имало умрени лица отколку новородени бебиња. Ова е значително повеќе во однос на истиот деветмесечен период од минатата година, кога негативниот природен прираст изнесувал 2.440 лица. Досегашните статистички искуства покажуваат дека до крајот на годинава не може да се очекува промена на трендот, а тоа значи дека ова ќе биде седма година по ред земјава да забележува негативен природен прираст со поголем број умрени отколку новородени лица.

Државниот завод за статистика денеска објави податоци за движењето на населението во третиот квартал – јули, август и септември. Според нив, во овој период имало 418 повеќе умрени лица отколку родени. Односно, бројот на живородени деца изнесувал 4.431 наспроти 4.849 умрени лица. Тоа е нешто помала разлика во однос на првиот и на вториот квартал кога беше забележан голем негативен природен прираст. Во првиот квартал – од јануари до крајот на март – имало за 1.872 повеќе умрени лица отколку новородени, а од април до крајот на јуни намалувањето изнесувало 1.135 лица. Вкупно гледано, во првите девет месеци од годинава имало 11.689 живородени бебиња, а но и 15.123 умрени лица, а што е мошне загрижувачки.

Нешто повеќе раѓања во периодот од јули до август годинава, за 3,7 отсто повеќе отколку во истиот период лани, дава надеж дека е можно трендот да продолжи. Но, сепак, според статистички искуства, вкупниот број новородени бебиња до крајот на декември ќе се движи околу 16.000, што е загрижувачки. Колку за споредба, во 2020 година имало 19.031 новороденче, а пред десет години во 2015 година 23.075.

Состојбата е поразителна во речиси сите осум статистички региони во земјава. Ако на ова се додаде и губењето на населението по основ на заминувањето во странство, излегува дека годинава бројот на жителите во земјава ќе се намали уште повеќе.

Според вчера објавените податоците од Меѓународниот центар за развој на миграциска политика од декември 2022 година, дијаспората на Република Македонија се проценува на 693.896 лица. Од нив, 38,4 проценти се наоѓаат во земјите од Европската Унија, главно во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголемите заедници постојат во Австралија, САД и Канада. (Б. Ѓ.)

Помалку бракови и помалку разводи

Споредено со првите девет месеци во ланската година, во оваа година во земјава има помалку склучени бракови, но и помалку разведени бракови. Така, на крајот на септември имало 8.152 склучени брака, а во минатата година 8.686. Во истиот период, годинава 1.480 брачни двојки се решиле да се разведат, а лани 1.508.

 

ИЗДВОЕНИ