Две лица се водат како исчезнати, а тројца се спасени откако рибарски брод со француски регистар потона во Ламанш, соопшти денес Британската крајбрежна стража.
Британската агенција за поморство и крајбрежна стража (MCA) во саботата доби извештај кратко по 18 часот по локално време дека брод со пет члена на екипажот е во неволја покрај брегот на Плимут, објави „Скај њуз“.
Започната е спасувачка операција, во која учествуваат хеликоптер на крајбрежната стража, авион и чамци за спасување на Кралската национална институција за спасувачки чамци (RNLI) од Фалмут и Плимут.
Британската крајбрежна стража соопшти дека интензивното пребарување продолжило преку ноќ и продолжува и денес, со распоредени повеќе средства за спасување.
„Три лица беа спасени синоќа од рибарски брод со француски регистар кој испратил повик за помош. Тие се однесени во болница за понатамошно лекување“, се вели во соопштението.
Продолжува потрагата по уште две лица кои се водат како исчезнати по потонувањето на бродот, објави „Танјуг“.












