вторник, октомври 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈ: Во Државна лотарија утврдени неусогласености во уплатата на паричните...

РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈ: Во Државна лотарија утврдени неусогласености во уплатата на паричните влогови, договорите за набавките, користењето на средствата…              

0

Утврдени се неусогласености во уплатата на паричните влогови, долгорочни договори во делот на набавките, недостатоци во документирањето и користењето на дел од средствата, како и слабости во правна регулаторната рамка и контролата на приредувањето интернет и електронски игри на среќа кај пет друштва за приредување интернет и електронски игри на среќа во кои Државна лотарија учествува со 51 процент во основната главнина, соопшти денеска Државниот завод за ревизија. Ревизорите извршија контрола кај – Друштво за приредување интернет игри на среќа ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС ДОО Битола,  – Друштво за приредување интернет игри на среќа ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–ВЕЗУВ ДОО Скопје,  – Друштвото за приредување интернет игри на среќа ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ ДОО Скопје,  -Друштво за организирање електронски игри на среќа – Нова Државна Видео Лотарија – НОВО-ВЛТ ДОО Скопје, – Друштвото за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија–КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје.

-Кај петте друштва се констатирани состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради нивното значење е изразено неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, како и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информациите рефлектирани во финансиските извештаи со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените политики. Кај друштвата приредувачи на интернет игри на среќа основани во 2023 и 2024 година, ревизијата утврди неусогласености во однос на висината, динамиката на уплатата и евидентирањето на паричните влогови – се наведува во објавениот извештај.

Во него се наведува дека ревизорите не добиле уредни и веродостојни докази зошто кај овие друштва, во договорите за заедничко вложување било предвидено содружниците да уплатат паричен влог во вкупен износ од 2.171.470 евра, во 3 рати во период од 3 години, додека во Договорот за основање на друштвата бил утврден паричен влог од 771.470 евра со рок на уплата од една година?

-Предвидената уплата на паричниот влог во три рати, во период од три години, не е во согласност со Законот за трговските друштва, кој предвидува рок од една година за уплата на преостанатиот дел од влогот. Дополнително, кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ и ДРЖАВНА ЛОТАРИЈАВЕЗУВ, неуплатениот дел од договорените парични влогови не бил евидентиран во трговските книги.  Кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–ВЕЗУВ, од вкупно договорениот влог од 2.171.470 евра, до моментот на ревизијата биле уплатени само 9 милиони денари, односно приближно 146 илјади евра – потецираат ревизорите.

Се додава дека во делот на набавките и користењето на средства, ревизијата утврди дека постапките за избор на економски оператори за обезбедување софтвер, интернет-платформи со играчки содржини, како и услуги за одржување и техничка поддршка на ВЛТ-терминали, биле спроведувани врз основа на јавни повици и интерни правилници, без примена на Законот за јавните набавки.  Во најголем дел од постапките била поднесена само една понуда, по што биле склучени договори со период на важење од 15 години кај дел од друштвата, односно 10 години кај НОВО-ВЛТ.

Утврени се и неправилности во делот на маркетингот, реклама, пропаганда и промоција кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–МОЗЗАРТ, ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС и ДВЛМКАСИНОС АУСТРИА бидејќи не била обезбедена целосна и соодветна поткрепувачка документација за дел од овие трошоци, поради што не може во целост да се потврди нивното наменско и рационално користење. Дополнително, кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС и НОВО-ВЛТ биле утврдени неправилности при закупот на деловен простор, при што биле склучувани договори со заинтересирани страни без претходно одобрување од Собирот на содружници, согласно одредбите од Законот за трговските друштва.  Кај ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА–77 БИТС биле утврдени и авансни плаќања за закуп пред склучување договор, како и дадени позајмици на поврзани друштва без потребното одобрување, кои подоцна биле вратени.

Ревизијата утврди и слабости во системот на внатрешни контроли кај друштвата, особено во делот на воспоставувањето и примената на пишани процедури, поделбата на должностите и одговорностите и спроведувањето на превентивни и последователни контроли.

-Ревизијата утврди слабости поврзани со спроведувањето и евидентирањето на пописот, евидентирањето на одредени побарувања и обврски, како и слабости во правната рамка за приредување интернет игри на среќа. Во однос на електронските игри на среќа, ревизијата утврди дека со постојната регулатива не се уредени во целост посебните услови и критериуми за приредувачите, техничките стандарди за исправност, функционалност и безбедност на терминалите, опремата, системите и софтверот, ниту обврската за нивна проверка, тестирање и сертификација од овластено или акредитирано тело. Исто така, не е воспоставен надзорен информациски систем со кој би се обезбедило следење и контрола на уплатите, исплатите, прометот и приходите од електронските игри на среќа – се нагласува во извештајот. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ