Официјалниот влез на трет мобилен оператор во Македонија се очекува на почетокот од следната година, најавуваат од Агенцијата за електронски комуникации, од каде што велат дека со тоа ќе се зголеми конкуренцијата на пазарот, што беше една од постојаните забелешки во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Новиот оператор ќе обезбедува мобилни мрежи и услуги.
Агенцијата на 24 ноември годинава ги продолжи за 96 дена роковите од тендерската документација за трет мрежен оператор во државава, по барање на единствениот понудувач на тендерот – „Оне Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор-ај-џи“. Со тоа, согласно со одлуката на АЕК, крајниот рок за донесување одлука за избор на најповолен понудувач на тендерот е 12 јануари 2026 година, а 25 февруари 2026 година – за доделување одобрение за користење радиофреквенции – велат од АЕК за МИА.
На македонскиот пазар сега работат два мрежни оператори и четири виртуелни.

Следниот месец треба да биде ставена во функција и телекомуникациската кула на Водно, капитален објект што почна да се гради во 2013 година. Согласно со договорот, кулата треба да биде пуштена најдоцна до 31 јануари и тоа значи дека сите предавателни системи што се поставени во моментов на локацијата врв Водно ќе се постават на кулата во вертикала.
Од АЕК информираат дека најчестите причини поради кои се обратиле граѓаните лани до нив со барање за решавање спор се: неквалитетна услуга, измени на условите од претплатничкиот договор, висока сметка и раскинување на договорот со наплата на казнени пенали. До регулаторното тело годинава се пристигнати 346 барања за решавање спор наспроти 363 регистрирани во 2024 година. Од вкупниот број донесени решенија, 45 се усвоени, 14 се делумно усвоени, 40 предмети се затворени со меѓувремено постапување од страна на операторот и 109 се одбиени. Другите барања за решавање спор биле: непотполни, повторно поднесени, Агенцијата не била надлежна или биле отфрлени.












