Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 13. пат почнува на 21 септември во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Врвни автори од регионот, како српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели, Јана Бауер, како и домашните претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик, Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови, предводени од лауреатот на наградата „Прозарт“ за 2025, најпреведуваниот словенечки писател и драматург, Евалд Флисар, се гости на фестивалот, што ќе трае до 23 септември.
На првата фестивалска вечер, Флисар ќе биде во друштво со Бауер, Алексиева, Лапчевиќ, Димковска и Корнети. Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Владимир Јанковски. На вториот фестивалски ден (22 септември) ќе има средба за вмрежување помеѓу издавачите и традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Вечерта од 18 часот во „Буква“ ќе се одржи промоција на книга од Јана Бауер во организација на „Артконект“. Оваа вечер завршува со традиционалната тркалезна маса во која учествуваат авторите гости на фестивалот, од 20 часот во Европска куќа Скопје, годинава на тема „Војни, вештачка интелигенција, литература“ и ја модерира Владимир Јанковски. Наградата „Прозарт“, што фестивалот по 13. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе му биде врачена на словенечкиот писател Евалд Флисар на затворањето на фестивалот на 23 септември од 20 часот во Даут-пашин амам. На завршната вечер, Флисар ќе се обрати пред присутните, а писателите ќе читаат извадоци од своите дела. Во дополнителната програма, на 26 септември со почеток од 20 часот, во Аудиокултура, Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „30 современи грчки автори“. На промоцијата ќе бидат присутни и четворица грчки поети: Хрисанти Иакову, Ефтихија Кателанаки, Манос Мавромустакакис и Никос Влахакис, чии песни се застапени во оваа книга.
Организатор на „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.