Познати хитови и евергрини, специјални гости, песна специјално направена за жената и дружење до доцна во ноќта… Познатиот македонски актер Драган Спасов Дац и музичарот Александар Митевски, кои го сочинуваат музичкото дуо кое од короната до денес нè забавува со своите настапи и хитови, најавуваат спектакуларен концерт „Дамите бираат“ по повод Денот на жената, што на 6 и 7 март ќе се одржи на сцената на Македонскиот народен театар.

Како што посочи директорот на МНТ, Никола Кимовски, на вчерашната прес-конференција, врската на театарот и музичкиот настан подготвен од Дац и Александар е сосема логична.

– Ова не е само концерт, она што го прават Александар и Дац има посуштинско значење. Тие ги прават луѓето среќни, публиката ги сака и ѝ се потребни ваквите настани. На сите нас ни фали добра мисла, стих, добра музика и добра забава, и затоа круната треба да е во МНТ, вели Кимовски.

Тој посочи дека можеле да реализираат и пет концерти со оглед на заинтересираноста на публиката, но дека сега ќе бидат само два, додека со третиот концерт на Дац и Александар, што ќе се одржи на 18 јуни, ќе биде отворена Летната сцена „Славиша Кајевски“.

Драган Спасов-Дaц, пак, кажа дека концертот е енергија плус и работа со љубов.

„Самиот концерт ќе се одвива во три дела. Првиот дел ќе се одржи во фоајето како добредојде, а ќе нè пречека диџејот Миле Ѓуриќ. Потоа следува концертот, кој сè уште не знаеме колку ќе трае, за по концертот повторно да се преселиме во фоајето каде ќе нè чека нашиот пријател Јоргуш на клавијатури и ќе има плус пеење“, посочи Дац.

Александар, пак, додаде дека посебна тежина на настанот ќе му даде и големиот оркестар „Дрим Тим“ со околу 16 музичари на сцена, кој ќе обезбеди богата и динамична музичка подлога. Дополнително, двете вечерите ќе бидат збогатени и со специјални гости, чии појавувања ќе внесат уште поголема ексклузивност и емоционален набој“, посочи Александар, иако вчера не сакаше да ги открие нивните имиња.

„Ова ќе биде приказна за љубовта, музиката и жената“, кажаа Дац и Александар.

Тие на вчерашната прес-конференција во МНТ ја најавија и својата винил плоча „Уште ми фалиш“, која веќе може да се нарача. Плочата ќе биде во црвена боја во чест на жената и љубовта и ќе биде со нивни потписи.

(Д. Т.)   фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ