сабота, јули 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Речиси половина од вработените во Грција се незадоволни од платата

Речиси половина од вработените во Грција се незадоволни од платата

34

Речиси половина од вработените (46,7 отсто) се незадоволни од платата за која 49,7 проценти сметаат дека покрива само основни потреби или дури и помалку, а само 11,4 отсто сметаат дека се добро и фер платени – покажуваат резултатите за Грција од истражувањето спроведено од глобалната платформа „Каде работиме“ (Wherewework) во пет земји – Бугарија, Романија, Унгарија, Молдавија и Грција – во однос на состојбата на вработените и пазарот на труд.

Резултатите покажуваат дека Грција, заедно со Бугарија, има најниско ниво на задоволство од плата во регионот, а 45,7 проценти од Грците вклучени во анкетата сметаат дека заработуваат под пазарното ниво.

Шест од десет рекле дека нивната куповна моќ е ослабена во последните 12 месеци, а две третини од вработените се отворени за промена на работа, но платата е клучниот фактор.

За нова работа размислуваат 64,3 отсто, речиси четворица од десет анкетирани се подготвени да се преселат за подобра работна можност, а 16,4 проценти се решени да останат на сегашното работно место, што е највисок процент во регионот.

Платата останува главен мотив поради кој вработените размислуваат за промена на работа, при што 58,1 отсто ја наведуваат како клучен фактор.

Во однос на вештачката интелигенција, стравот од влијанието на ВИ врз работните места е најнизок во Грција во споредба со другите пет земји вклучени во истражувањето, односно само 11 проценти сметаат дека вештачката интелигенција може да го направи нивното работно место ранливо.

Ова, како што пишува во истражувањето, не значи дека постои силно чувство на сигурност, туку повеќе укажува на други приоритети на вработените, односно кога финансиските грижи се постојани и итни, ВИ се доживува како далечен проблем.

Кај грчкиот примерок, доминантниот став кон вештачката интелигенција е „сè уште не знам“ или „нема релевантно влијание“, а не оптимизам или конкретен страв, туку едноставно други приоритети во моментот – пишува во истражувањето.

Во истражувањето на глобалната платформа „Каде работиме“ за информации за работни места и работна средина, спроведено во текот на април годинава, биле вклучени 11.612 вработени од петте земји, од кои 1.788 се од Грција.

ИЗДВОЕНИ