Реализирани 9,5 милијарди денари капитални инвестиции

35

Заклучно со април годинава, реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 9,5 милијарди денари, што е раст од 60 % во однос на тој период од минатата година. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, исплатата е врз основа на реализацијата на терен, појаснувајќи дека од оваа година од капиталните расходи се издвоени исплатите на гаранциите и трансферите.

Поголема реализација на капиталните расходи таа очекува во наредниот период, вклучително и на капиталните инвестиции кои се реализираат преку општините, а за кои се обезбеди средства од буџетот. Досега се исплатени 450 милиони денари за реализираните работи на општинските проекти од првиот повик.

– На терен има реализација на овие проекти и врз основа на информациите од ресорните министри, спроведувањето се одвива одлично. Очекуваме позабрзано темпо на реализација во наредниот период – рече министерката.

На вториот повик се доставени 887 проекти од сите 80 општини, во вкупна вредност од 15 милијарди денари, односно онолку колку што се планирани средства во буџетот за 2025 година.

Владата останува на проекцијата за годишен раст на БДП од 3,7 %.

– Растот на БДП во четвртиот квартал е 3,2 %. Бруто- инвестициите во четвртиот квартал имаа раст од 22,1 %. Рекордно ниво на странски директни инвестиции од 1,255 милијарди евра во 2024 година. Раст кај индустриското производство, кое во континуитет бележеше пад. Намалување на стапката на невработеност и раст на бројот на вработени, особено во приватниот сектор. Имајќи ги предвид сите овие индикатори, очекувањата се дека во периодот што следува ќе имаме и многу подобри податоци и дека стапката на раст од 3,7 % е реална и остварлива – посочи министерката.

ИЗДВОЕНИ