Реакција на Коцевски за случајот „Пулс“ до Адвокатската комора: Одредени адвокати критикуваат и се претставуваат како независни правни експерти, а се браниели на обвинети во случајот

45

Државниот јавен обвинител во отвореното писмо до Адвокатската комора вели дека како Обвинителството укажуваат дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски денеска преку отворено писмо упати остра реакција до претседателот на Адвокатската комора , Љубомир Михајловски.

Во писмото, Коцевски во името на Јавното обвинителство на Македонија реагира на, како што вели, начинот на кој дел од адвокатите јавно го коментираат поднесеното обвинение за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и однапред изнесуваат, според него, неосновани очекувања во однос на траењето на судската постапка.

Коментарите, пишува јавниот обвинител, се изнесуваат без адвокатите воопшто да се запознаени со содржината на обвинението, на доказниот материјал или планираната динамика на Судот за одржување на рочиштата.

Ова, како наведува Коцевски, е спротивно на член 13 од Кодексот за професионална етика на адвокатите, согласно кој во извршувањето на својата професија, а адвокатот е должен да го чува угледот на судот и на институциите пред кои се јавува.

„Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките“, наведува Коцевски во писмото.

Според него, изнесувањето на, како што вели, неосновани проценки во поглед на долгото траење на судската постапка, иако судењето сè уште не е започнато, наштетува пред сè на угледот на Судот и „преставува обид истиот да се прикаже како спор и неефикасен“.

„Нагласуваме дека Јавното обвинителство во моментов води повеќе активни судски постапки со кои се опфатени повеќе десетици обвинети, а судењата течат редовно и без застој. Јавните обвинители се водат единствено од доказите и немаат никаква можност да избираат колку обвинети ќе вклучат во постапките што ги водат“, вели Коцевски.

Понатаму во реакцијата, државниот јавен обвинител вели дека како Обвинителството укажуваат дека одредени адвокати ја коментираат постапката и обвинението како непристрасни правни експерти, без да појаснат дека всушност се бранители на обвинетите кои во основа ги застапуваат интересите на својот клиент.

Со тоа, како што наведува Коцевски, овие адвокати ја доведуваат во заблуда јавноста и особено оштетените во трагичниот настан.

„Местото за соочување на доказите е судницата. Избегнувањето на судската постапка и обидот да се влијае на процесот со јавно изнесување на дезинформации, само ја покажува цврстината на доказите обезбедени од Обвинителството“, вели тој.

Коцевски во писмото наведува дека, ниту еден од бранителите на обвинетите во предметот до овој момент до Обвинителството не доставил доказ или известување дека презел самостојно дејствие за обезбедуавње докази во корист на неговиот клиент согласно членот 306 од Законот за кривична постапка (ЗКП).

Во тој контекст, државниот јавен обвинител особено се осврнува на гостувањето на адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска во емисијата „Студио 10“ на „Телевизија 24“ на 8 октомври кое вели дека било пример за неетички јавен настап, спротивен на принципите на Кодексот за професионална етика на адвокатите.

„Во емисијата таа изнесува комплетни невистини дека не ѝ бил даден дел од доказниот материјал кој е приложен заедно со обвинението, обидувајќи се на тој начин да го наруши интегритетот на истрагата и угледот на јавнообвинителската институција.

Наведените пораки се дел од извештајот за анализирана телефонска комуникација изготвен од МВР-БЈБ кој е дел од доказниот материјал доставен интегрално во судот и до сите бранители. Целокупниот доказен материјал за предметот „Кочани“ е навистина обемен и е резултат на макотрпна интензивна работа на јавните обвинители.

Доколку почитуваната адвокатка не го презела во целост или сè уште не стигнала ни да го прегледа, што е нејзина должност како бранител, тоа ќе има можност да го истакне пред Судот онака како што налага Законот за кривична постапка.

Ова особено бидејќи наведените пораки воопшто не се однесуваат на нејзиниот клиент. Ваквиот јавен настап е целосно спротивен на општиот принцип број 5 од Кодексот кој им забранува на адвокатите да се рекламираат и да бараат личен публицитет на недостоен начин, какво што е впрочем изнесувањето целосни невистини“, вели Коцевски во писмото до Адвокатската комора на Македонија.

ИЗДВОЕНИ