недела, јули 19, 2026
Дома ИНТЕРВЈУ Разговор со ПСИХОЛОГ РОЗИТА АНДОНОВА, членка на Меѓународното психоонколошко здружение: Ракот не...

Разговор со ПСИХОЛОГ РОЗИТА АНДОНОВА, членка на Меѓународното психоонколошко здружение: Ракот не го погодува само телото – психолошката поддршка е клучна

155

По повод Светскиот ден на психоонкологијата, глобална иницијатива иницирана од Меѓународното психоонколошко здружение, со активности насочени кон подигнување на свеста за важноста на психолошката поддршка кај онколошките пациенти се вклучи и Македонија. Психологот м-р Розита Андонова, член на Здружението, активно се вклучи во иницијативата и преку предавање, го поттикна заедничкото учество на Факултетот по психологија при Меѓународниот славјански универзитет и ЈЗУ Општа болница Гевгелија, со цел поврзување на теоријата и практиката. Со Андонова, за весникот ВЕЧЕР, разговараме за иницијативата и за тоа како психолозите можат да влијаат на лекувањето на онколошките пациенти 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Зошто е важна оваа иницијатива?

Светскиот ден на психоонкологијата ја истакнува потребата од тоа психолошката поддршка да биде интегрален дел од онколошката грижа. Болеста не го погодува само телото на пациентот, таа со себе носи и силен психолошки и социјален товар. Пациентот се соочува со страв, неизвесност, анксиозност, како и со финансиски тешкотии, стигма, дискриминација и социјална изолација. Исто така, важно е да се нагласи дека последиците од болеста се чувствуваат и во семејството, кое носи емоционален и финансиски товар и се соочува со промени во секојдневното функционирање. Затоа, стекнувањето на основни познавања за психосоцијалните аспекти на онколошките заболувања придонесува за подобро разбирање на потребите на пациентите и нивните семејства, овозможува поцелосна грижа и го подобрува квалитетот на животот и процесот на лекување. Во тој контекст, интеграцијата помеѓу факултетот и болницата има особено значење. Таа овозможува поврзување на теоретските знаења со реалната клиничка практика, што е клучно за развој на идни професионалци. Студентите и младите психолози добиваат увид во конкретните потреби на пациентите, додека здравствените институции добиваат дополнителна стручна поддршка и нови перспективи. Ваквата соработка придонесува за градење поквалитетен, интегриран пристап во здравствената грижа, каде што психолошката поддршка не е дополнување, туку составен дел од третманот.

Што беше опфатено со активностите?

Во рамки на иницијативата, се одржа стручно предавање на тема „Психосоцијални аспекти на онколошките заболувања“ на Факултетот по психологија на Меѓународниот славјански универзитет, кое беше наменето за студентите по психологија, психолозите и останатите заинтересирани. Во болницата овозможивме отворен ден за онколошките пациенти, се испечатија информативни летоци и се објавуваше на социјалните мрежи и по медиумите. Со ова се укажува дека темата има широка применливост и потреба да се отвори во повеќе сектори.

Стекнувањето на основни познавања за психосоцијалните аспекти на онколошките заболувања придонесува за подобар третман на лицата заболени со канцер и нивните семејства, преку поцелосно разбирање на нивните потреби. 

Дали во вашата работа веќе се применуваат вакви пристапи?

Во болничката средина секојдневно работам со онколошки пациенти и со нивните семејства, каде што психолошката поддршка е значаен дел од процесот на справување со болеста. Со цел дополнително да ги охрабриме пациентите да побараат помош, воведуваме и отворен ден за онколошки пациенти и за нивните семејства во психолошкото советувалиште, секоја среда од 11:30 до 14:30 часот. Дополнително, во чекалните ќе бидат достапни летоци со мотивирачки пораки. Би сакала да нагласам дека оваа иницијатива не завршува со одбележувањето на еден ден, таа продолжува како континуирана грижа, со јасна порака дека психолошката поддршка е неопходен дел од лекувањето, како за пациентите, така и за нивните семејства, а пошироко и за целото општество. 

Во контекст на христијанските празници, како што беше Велигден, дали духовноста има улога во психолошката поддршка кај онколошките пациенти?

Велигден како симбол носи пораки за надеж, обновување, нов почеток и живот по страдање, теми кои се длабоко поврзани со искуството на онколошките пациенти. Во психолошки контекст, духовноста може да биде значаен ресурс за справување. Таа им помага на пациентите да најдат смисла во тешкото искуство, полесно да се соочат со стравот и неизвесноста, да ја одржат надежта и постепено да дојдат до прифаќање на ситуацијата.

Важно е да се нагласи дека духовноста не мора да значи религија. Секој човек има свој начин на доживување на смислата, вредностите и внатрешната сила. Нашиот пристап како професионалци е секогаш индивидуален и почитувачки кон тие лични доживувања. Како што Велигден носи порака за обновување и за живот, така и кај пациентите често гледаме процеси на внатрешна трансформација, дури и во услови на болест. Во практиката, гледам како пациентите развиваат посттрауматски раст. Тоа значи дека и покрај тешкото искуство, тие успеваат да пронајдат нова смисла, да ги преиспитаат своите вредности, да изградат подлабоки односи и да развијат внатрешна сила која претходно можеби не била свесно препознаена.

И токму затоа, пораката што ја испраќаме е дека и во најтешките моменти, постои простор за надеж, смисла и внатрешна сила. 

Зошто оваа тема е особено важна во Македонија?

Во Македонија, психолошката поддршка сè уште не е доволно интегрирана во здравствениот систем, а постои и одредена стигма поврзана со барањето помош. Ваквите иницијативи се важни затоа што отвораат простор за разговор, ја подигнуваат свеста и придонесуваат кон постепено воведување на психоонкологијата како стандард во грижата за пациентите.

Која е вашата порака до јавноста?

Психолошката грижа е суштински дел од лекувањето. Зад секоја дијагноза стои човек кој има потреба да биде слушнат, разбран и поддржан. Барањето помош е знак на сила и грижа за себе. Да го направиме невидливото видливо.

ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија заедно со Факултетот по психологија на Меѓународниот славјански универзитет го препознаваат  значењето на поврзувањето на теоријата со практиката, а ваквите иницијативи се чекор напред кон похумана и сеопфатна здравствена грижа.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ