Кај Владо постои уште една специфичност. Никогаш не пие кафе со шеќер, најмалку со млеко. Кафето му е исклучиво горчливо. Такво пиеше и во текот на нашиот разговор. Успеа да ги убеди во тоа и сите свои многубројни пријатели, кои дефинитивно се откажаа од шеќерот во кафето

Владо Георгиев, популарниот балкански поп-пејач со македонски корени (од дедо си од страната на татко си), деновиве е во Скопје, па многумина сограѓани што го среќаваат мислат дека е преселен кај нас. А не е. Тој е тука најпрво за прес-конференцијата со новинарите, а потоа и за големиот концерт на 24 април, во арената „Јане Сандански“.

Со него се сретнавме по самата прес-конференција, на одличен кафе-муабет, кој со задоволство го прифати. Воопшто не е препотентен како што го бие глас, дека ароганцијата му е посилна страна. Нема врска. Човекот е О.К., многу комуникативен и често насмеан.

– Кој, јас препотентен, арогантен, што ви е?! Тие глупости ги измислуваат луѓе што немаат трошка чувство за пристојност кога ќе ме сретнат на улица, во кафуле, во маркет или на плажа во мојот Херцег Нови. Колку и да сум љубезен, тие и без моја согласност, ме сликаат во секакви пози. Знаете како е тоа кога сте опуштени, на лежалка за сончање. Потоа ги „закачуваат“ тие фотографии на социјалните мрежи. Па не е фер, не е убаво, нели? Затоа се лутам, бурно реагирам, па се добива погрешен впечаток дека сум арогантен. А воопшто не сум, еве ви се колнам. Многу сум социјален, забавен и духовит тип. Ги сакам луѓето, сакам да се шегувам – вели Владо.Таков, сосема опуштен, беше и на самата прес-конференција, кога одговараше на интересните прашања на новинарите. Во својот „незадолжителен“ стил, знаеше да вметне и по некој македонски збор. Како, на пример, дека на сцена со него ќе има и танчарки. Тоа го насмеа, бидејќи зборот „танчарки“ (или на српски „плесачице“) му е многу симпатичен збор.

– Да нема забуна, јас разбирам македонски. Впрочем, често сум во Македонија и кога не настапувам, па мислам дека барем 50 отсто знам да комуницирам на македонски.     А знам и македонски песни, не е само онаа што сите ја пеат, мислам на „Македонско девојче“. Јас и моите стари пријатели во Херцег Нови често ги пееме македонските народни песни, онака од ќеф, за своја душа. Од најубавата за мене “Елено ќерко“, потоа „Јовано, Јованке“, „Налеј, налеј“, па сè до „Како што е таа чаша полна со вино“.

Во приватниот живот, 50-годишниот Владо Георгиев е татко на две ќерки (Софија и Елена) и има 15 години помлада сопруга (Милица). Многу внимава на своето здравје и на својот физички изглед. Неодамна одлучи да го изгладнува организмот за да го ослободи своето тело од токсини, со таканаречената автофагија.

– Тоа е своевидно пролетно чистење на организмот, пред почетокот на летните горештини. Се практикува гладување – вели Владо. Најпопуларен метод на овој режим е методот во кој имате 16 часа без храна, па потоа 8 часа кога јадете. На пример, ако вечерата ви е во 20:00 часот, следниот оброк ви е наредниот ден, дури во 12:00 часот. Придобивките од автофагијата се огромни. Се подобрува метаболизмот, слабеете и им го продолжувате здравјето на вашите клетки. Во текот на ваквото гладување, се пијат само разни чаеви и здрави овошни сокови. А, ако не сте дисциплинирани, тогаш автофагијата може да има и негативни страни: физички премор, вртоглавица, пад на концентрацијата, главоболка, раздразливост, анксиозност… Кај него постои уште една специфичност. Никогаш не пие кафе со шеќер, најмалку со млеко. Кафето му е исклучиво горчливо. Такво пиеше и во текот на нашиот разговор. Успеа да ги убеди во тоа и сите свои многубројни пријатели, кои дефинитивно се откажаа од шеќерот во кафето.

Георгиев е многу добро познат по тоа што нема неискреност кај него, туку отворено зборува за сè што му пречи во општеството. Па така, коментирајќи за „Безбеден град“ во сообраќајот, не само кај нас туку и таму, во Белград, или каде било, смета дека секоја власт „фино го осмислила тоа“.

– Всушност, цело време ве снимаат и ве шпионираат. Се поставуваат камери за препознавање лица, што, според мене, е недозволиво – убеден е Георгиев.

За песните што, секако, во живо ќе ги пее на концертот во Скопје, најавува една добропозната комбинација од стари и од нови хитови.– Никој нема да остане рамнодушен и секој ќе стане да танцува со својот партнер. Онака господски, затоа така е насловен концертот.  Инаку, моите песни се раѓаат само ноќе, додека спијат другите. Тогаш имам најдобра инспирација. Никој не ме прекинува, а емоциите се најприсутни токму во тоа ноќно време. Тоа е и медицински докажано. Затоа не сакам никој да ме прекинува кога ќе добијам инспирација за нова песна. Доколку ме прекине, готово е, ја заборавам песната.

Шармантниот Георгиев раскажа и за своите пороци, поради кои го бие глас за „вљубеник во алкохолот“.

– Токму така, доколку се сметаат цигарите за порок, јас пушам. Инаку, за жал, на трујачите на души, попознати како дежурни градски баби озборувачки, можам да им кажам дека Георгиев не пие. Тоа беше одамна, некогаш во младоста. Но, никогаш не престанаа да ме озборуваат. Сега имам семејство и сè е поинаку, особено затоа што имам две прекрасни девојчиња. Со самото тоа, имам огромна одговорност кон моите две принцези. Тие се малечки, нежни и многу внимавам, како татко, ништо да не им згрешам – многу е искрен Владо.Дуле МИЌИЌ / фото: П. Стојановски и архива-ФБ-Инстаграм

 

 

ИЗДВОЕНИ