Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) заокружи една oд клучните фази во јакнењето на енергетската безбедност на државата. Денеска успешно се одржа јавната расправа за Процената на ризик во снабдувањето со гас, во соработка со Заедничкиот истражувачки центар (JRC) на Европската комисија и претставници на домашната гасна индустрија.

Со ова, Македонија практично го финализира националниот процес на Процена на ризик, спроведен целосно во согласност со европската легислатива за сигурност во снабдувањето со гас – чекор што ја позиционира земјата пред повеќето држави од регионот, особено во рамки на членките на Енергетската заедница. Процесот не е само формално усогласување со ЕУ, туку суштинско зајакнување на системот: јасна идентификација на ризици, сценарија за потенцијални прекини и конкретни механизми за реакција. Со тоа, државата гради отпорен и предвидлив енергетски систем, подготвен за кризни ситуации – истакнаа од МЕРМС.

Во наредната фаза, Процената на ризик ќе биде доставена на формално одобрување до Европската комисија и Секретаријатот на Енергетската заедница. Врз основа на нејзините наоди и препораки, ќе следува подготовка на двата клучни стратешки документи – Превентивен план и План за кризни состојби.

Овие документи ќе се изработуваат со директно менторство и техничка поддршка од JRC, што дополнително гарантира квалитет и целосна усогласеност со европските стандарди. Со оваа активност се очекува зголемена сигурност во снабдувањето со гас, подобра институционална подготвеност и засилена регионална координација. Во услови на глобална енергетска неизвесност, ова значи стабилност за економијата и сигурност за граѓаните – велат од МЕРМС.

ИЗДВОЕНИ