Екипата на Јувентус се подготвува за уште една голема „чистка“ во соблекувалната. Дури 11 играчи од сегашниот состав се на списокот на потенцијални заминувања за време на летниот преоден рок, а тоа не ги вклучува ниту оние што се враќаат од позајмици и кои исто така би можеле повторно да бидат продадени, или испратени на друга позајмица. Таков пример е со Тијаго Џало, кој се враќа, но не се смета на него, пишува „Калчомеркато“.

Ова е речиси целиот состав што клубот, според моменталните планови, сака да го испрати. Во формација 3-4-3 изгледа вака: Матија Перин; Лојд Кели, Даниеле Ругани, Јонас Рухи; Филип Костиќ, Тимоти Веа, Даглас Луиз, Самуел Мбангула; Нико Гонзалес, Душан Влаховиќ, Арек Милик.

Постојат многу различни ситуации меѓу овие играчи во однос на договорите и пазарниот интерес. Влаховиќ, Костиќ и Ругани се договорно обврзани до 2026 година, што ја комплицира нивната продажба, особено во случајот со Влаховиќ, за кого многу се пишува во последно време. Договорите на Перин и Милик истекуваат во 2027 година, на Веа, Мбангула и Рухи во 2028 година, додека на Даглас Луиз, Нико Гонзалез и Кели им истекуваат договорите во 2029 година.

Причините за продажбата се различни – некои играчи не се вклопуваат во новите планови на тренерот Игор Тудор, додека некои се едноставно прескапи за улогата што ја имаат во тимот. Во секој случај, Јувентус се подготвува за еден вид мини-револуција, особено кога станува збор за резервите.

За сите други играчи од првиот тим, спортскиот директор Дамиен Комоли е спремен да ги сослуша понудите само ако се дарежливи и ако самиот играч покаже желба да си замине. Исклучок се Рандал Коло Муани и Франсиско Консеисао, за кои Јувентус моментално преговара со ПСЖ и Порто во обид да ги задржи.

Доколку планираната реконструкција навистина се спроведе, Јувентус повторно ќе се соочи со предизвикот да го балансира составот. Играчите што заминуваат треба да бидат заменети бројчено, но и квалитативно, а првите што би можеле да заминат се Тимоти Веа и Самуел Мбангула, кои се многу блиску до трансфер во Нотингем Форест.

Прашањето за стабилноста исто така останува – Јувентус веќе претрпе голема трансформација во 2024 година кога донесе девет нови играчи, претежно за почетната постава. Дали уште една голема „чистка“ би значела уште еден чекор кон титулата или би го забавила дополнителното градењето на нов, конкурентен тим? Одговорот на тоа ќе треба да го дадат Комоли и Тудор, заклучуваат Италијанците.

ИЗДВОЕНИ