петок, јули 3, 2026
Дома СКОПСКА Расчистени повеќе депонии во Гази Баба, Ѓорче Петров и во Бутел

Расчистени повеќе депонии во Гази Баба, Ѓорче Петров и во Бутел

1

Во текот на јуни, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ отстраниле 6.165 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Од претпријатието информираат дека биле расчистени повеќе диви депонии лоцирани во општините Гази Баба, Ѓорче Петров и Бутел.

– Во Општината Гази Баба е интервенирано на улицата „Перо Наков“ и во населбата Ченто, при што се подигнати 65 кубни метри отпад, додека во Општината Ѓорче Петров се подигнати 75 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на улицата „Лихнида“ и во Новоселски Пат – соопштија од ЈП „Комунална хигиена“.

Оттаму додадоа дека на територијата на Општина Бутел претпријатието отстранило вкупно 155 кубни метри непрописно фрлен кабаст, градежен и мешан комунален отпад.

Минатиот месец, претпријатието подигнало и транспортирало и 14.030 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје.

Воедно, од ЈП „Комунална хигиена“ соопштија и дека продолжуваат со секојдневното машинско миење на скопските булевари и улици, со употреба на автоцистерни.

– Седум дена во неделата, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење и миење на плоштадот и улицата „Македонија“, помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, како и целокупниот простор на Старата скопска чаршија.

ИЗДВОЕНИ