Општина Центар почна со градежни активности за уредување на новиот мини плоштад на улицата „Коле Неделковски“ во Дебар Маало, како дел од проектот за создавање јавни простори за одмор, дружење и рекреација на жителите.
Од Општината информираат дека мини плоштадот на улицата „Коле Неделковски“, на површина од околу 100 квадратни метри, ќе биде поплочен со гранитни плочи во различни тонови, со што ќе се добие визуелна динамика на просторот, а ќе бидат поставени и нова урбана опрема, клупа со метално-дрвена конструкција, канти за отпадоци и држачи за велосипеди.
Оттаму додаваат дека проектот предвидува и хортикултурно уредување со ново зеленило, како и поставување современо осветлување што ќе придонесе за поголема безбедност и за пријатен амбиент во вечерните часови.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека се предвидени три слични мали плоштади во населбата, а веќе се гради на две локации. Покрај улицата „Коле Неделковски“, се уредува мини плоштадот на улицата „8 Март“, а се планира слично катче и на улицата „Коста Веселинов“.
– Со уредувањето на овие јавни простори, го враќаме препознатливиот дух на Дебар Маало. Создаваме современи и функционални места каде што соседите ќе може да се среќаваат, да одморат и да поминуваат квалитетно време. Вложуваме во повеќе зеленило, урбана опрема и подобри услови за живот во секое маало – вели Герасимовски.












