Социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама победи на парламентарните избори во неделата, откако освои 52 проценти од гласовите, обезбедувајќи парламентарно мнозинство, според официјалните податоци на изборната комисија врз основа на 94 проценти од преброените гласачки ливчиња.
Изборната комисија соопшти дека опозициската Демократска партија е втора, освојувајќи 34 проценти од гласовите, објави Ројтерс.
Државната изборна комисија треба да ги објави конечните резултати денес.
Во својата прва изјава по победата на изборите, Рама рече дека го очекувал ова, наведувајќи дека има план за следните четири години, објави „Албанијан пост“.
Тој својата прва изјава по изборите не ја даде за домашните медиуми, туку за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.
Рама рече дека неговата партија повторно ги добила изборите по 12 години власт, бидејќи, како што изјави, ја променила Албанија со јасна визија и голема упорност.
Тој нагласи дека целта е Албанија да ги заврши преговорите за пристапување во ЕУ до 2027 година, а да стане членка во 2030 година.