Албанија е потресена од најинтензивните немири во последните неколку децении. Студентските протести против владата на премиерот Еди Рама – поттикнати од незадоволството поради корупцијата, недостигот на работни места и лошиот квалитет на образованието – прераснаа во отворени судири со полицијата и се проширија од Тирана во другите градови.
Студентите изјавија дека ќе продолжат со протестите сè додека Рама не поднесе оставка. Тој категорично одби, наведувајќи дека демонстрациите не ја загрозуваат неговата влада, туку европската иднина на Албанија. Во меѓувреме, расте и притисокот од европските политички кругови.
Европската комисија ја осуди употребата на насилство во Тирана и другите градови, истовремено поздравувајќи ја заложбата на властите за заштита на правото на граѓаните на протест.
Според кабинетот на австрискиот канцелар, Рама го откажал состанокот со австрискиот канцелар Кристијан Стокер, кој бил закажан за денес во Виена.
Во интервју за британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian), холандската пратеничка во Европскиот парламент, Тинеке Стрик, го обвини Рама дека дополнително ги разгорува тензиите со тоа што упорно турка проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Да ја сфатеше албанската влада сериозно ’Фламинго револуцијата‘, денес немаше да бидеме во ваква ситуација“, изјави Стрик, осврнувајќи се на граѓанското движење што се појави како одговор на планираниот туристички комплекс во еколошки чувствителен дел од Албанија.
„Го обвинувам Рама дека им служи на сопствените интереси и на интересите на Кушнер, наместо на интересите на животната средина и на албанскиот народ“, рече таа. Владата очигледно има намера да ги заврши сите процедури пред законски да биде обврзана да ги почитува стандардите на ЕУ. Европската унија треба остро да ги осуди ваквите подмолни и неискрени постапки. Ако Албанија навистина сака да биде кредибилна земја-кандидат за членство, мора да го почитува правото на ЕУ, наместо да се обидува да го заобиколи“, изјави Стрик.
Рама, на барање ба „Гардија“ одговори на нејзините обвинувања.
„Ве молам, кажете ѝ на почитуваната госпоѓа дека насилството во Тирана е сосема реално. Наместо да измислува еколошки завери што не постојат, таа би можела да ѝ помогне на Албанија со тоа што ќе го осуди насилството – кое, како што се чини, таа го оправдува – и со тоа, за жал, ќе ги повтори ставовите на една госпоѓа од Кремљ, г-ѓа Захарова“, рече Рама, алудирајќи на Марија Захарова, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.
Спорниот туристички проект не е единствената контроверзија што ја оптоварува владата на Рама. Минатата година, обвинителите ја обвинија заменик-премиерката за вмешаност во доделување градежни договори на повластени компании – обвинувања што и таа и Рама ги негираа. Бидејќи насилството не покажува знаци на стивнување, Албанците се длабоко фрустрирани од млакиот став на Европската унија, вели Александер Трајче од најстарата организација за заштита на природата во Албанија, „Заштита и зачувување на природната средина во Албанија“ (PPNEA).
„Да интервенираше ЕУ порано и да му кажеше на Рама да престане, мирната фаза на протестното движење немаше да ескалира во она што го гледаме денес“, рече тој.
За време на викендот, Рама ги покани студентите на разговор, додека багери ги отстрануваа камените плочи од просторот пред неговата канцеларија во центарот на Тирана, во пресрет на протестите закажани за недела.
„Ова воопшто нема да ги запре демонстрантите. Единствената цел е да им се одземат сите средства за одбрана од полицијата. Ништо друго“, изјави за Ројтерс Елтон Пренди, 40-годишен жител на Тирана.












