Македонската женска ракометна репрезентација ги доби противниците во групната фаза на Европското првенство, кое годинава ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција.
Ждрепката одржана во Катовице ги смести нашите девојки во групата Б, каде ќе ги одмерат силите со репрезентациите на Норвешка, Романија и Швајцарија. Нашата селекција ја очекуваше ждрепката од четвртиот шешир, а натпреварите од групната фаза ќе ги одиграме во романскиот град, Клуж.
Македонија со една победа и пет порази успеа да се „протне“ меѓу четири од шесте најдобро рангирани третопласирани екипи кои обезбедуваат пласман на ЕП кое ќе се одржи од трети до 20 декември годинава.
На четврти декември ракометарките ќе го одиграат првиот натпревар против селекцијата на Швајцарија, два дена подоцна ќе играат со кодомаќинот Романија, а групната фаза ја комплетираме со дуелот против велесилата Норвешка на осми декември.
Сите натпревари од групата Б ќе се одиграат во „БТарена“ во Клуж-Напока, која има капацитет од 10.000 седишта.
Сите групи за Европското првенство 2026 година: Група А: Унгарија, Црна Гора, Словенија, Исланд, Група Б: Норвешка, Романија, Швајцарија, МАКЕДОНИЈА, Група Ц: Данска, Шпанија, Турција, Грција, Група Д: Холандија, Чешка, Австрија, Хрватска, Група Е: Франција, Полска, Фарски Острови, Украина, Група Ф: Шведска, Германија, Словачка, Србија












