Силен напад со украински беспилотни летала врз рускиот регион Рјазањ предизвика пожар во рафинерија за нафта, соопшти регионалниот гувернер во четвртокот.
Ова е прв украински напад врз руски енергетски објект откако американскиот претседател Доналд Трамп во неделата објави дека Русија и Украина постигнале договор за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура. Ниту една од страните не го потврди примирјето.
Во интервју за „Фајненшел тајмс“, објавено во четвртокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ги прекинала нападите врз енергетските објекти во траење од три дена за да излезе во пресрет на барањата на САД, но дека сега ќе ги продолжи, бидејќи Русија продолжува да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура.
„Во моментов се проценува обемот на материјалната штета. На терен работат службите за итни случаи“, напиша Павел Малков, гувернерот на регионот Рјазањ, во објава на „Телеграм“.
Тој додаде дека во нападите бил оштетен и објект за складирање на друга локација, без да наведе дополнителни детали.
Рафинеријата во Рјазањ е во сопственост на рускиот нафтен гигант „Роснефт“ и ја снабдува Москва со гориво. Во последните месеци, таа неколкупати била цел на напади со беспилотни летала. Оваа рафинерија учествува со речиси пет отсто во вкупниот капацитет за преработка на нафта во Русија.
Претходно во четвртокот, Малков изјави дека наставата во училиштата и градинките во два окрузи е откажана поради, како што ги нарече, масовни напади со беспилотни летала.












