Италијанскиот Сенат донесе закон со кој им се дозволува на децата под 25 години и блиските роднини на шефовите на мафијата да се преселат, да се образуваат и да стекнат нов идентитет со цел да ги прекинат врските со организираниот криминал, објавува „Кликс“.
Новиот закон, наречен Liberi di Scegliere или „Слободен избор“, е обид да се спречи преносот на моќта на мафијата од генерација на генерација.
Особено е насочен кон семејствата поврзани со калабриската „Ндрангета“, една од најмоќните криминални организации во светот, каде што лидерството често се наследува во рамките на семејството.
Според Кјара Колосимо, претседателка на парламентарната комисија за борба против мафијата, околу 400 деца родени во мафијашки семејства би можеле да влезат во програмата секоја година.
Моделот е базиран на програма започната во 2011 година во Реџо Калабрија од страна на судијата Роберто Ди Бела, тогашен претседател на малолетничкиот суд.
Преку овој систем, властите ги отстрануваа децата од најопасните семејства, им помагаа да го завршат образованието и им обезбедуваа живот надвор од криминалната средина. Родителите кои продолжија да ги вклучуваат своите деца во криминал ризикуваа да ги изгубат родителските права.
Законот им дава приоритет на мајките и децата кои остануваат заедно, под услов мајката да ги прекине врските со мафијата.
Семејствата ќе бидат преместени на заштитени локации надвор од нивниот матичен регион, а доколку мајката остане поврзана со кланот, децата ќе бидат сместени во потврдени згрижувачки семејства или заштитени институции со образовна и психолошка поддршка.












