Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изрази уверување дека Русија и Украина можат да постигнат договор, наведувајќи дека Москва е подготвена да продолжи со трилатералните преговори со цел постигнување конечен мировен договор.
„Целта на трилатералните преговори ќе биде постигнување договор за обезбедување на идната безбедност на Русија и Украина“, изјави Путин, пренесува агенцијата „РИА Новости“.
Коментирајќи ја изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговата подготвеност да се откаже од територии, Путин за порталот „Вести“ изјави дека тоа не се украински територии, туку историски руски територии.
Путин истакна дека луѓето што живеат на овие територии гласале за државна независност и за повторно обединување со Руската Федерација.
„Сметам дека е несоодветно да се зборува за какви било територијални загуби“, изјави Путин.
Зеленски во средата изјави дека Украина би се согласила на мировен договор со Русија, под услов да изгуби приближно 25 отсто од својата територија.












