Рускиот претседател Владимир Путин им честиташе на Соединетите Американски Држави за 250-годишнината од независноста, истакнувајќи ја децениската соработка меѓу двете земји.
„Почитуван господине претседателе, драг Доналд“, напиша Путин во честитката до американскиот претседател Доналд Трамп, објавена од руското Министерство за надворешни работи.
„Потпишувањето на Американската декларација за независност не само што го означи почетокот на постоењето на вашата нација, туку стана и значајна пресвртница во светската историја“, навел Путин.
Тој додаде дека Русија, тогаш под царска власт, „ги поддржувала бунтовниците на северноамериканските колонии во нивната борба за слобода од британската власт“.
Путин истакна дека 250-годишната историја на односите меѓу двете земји има „многу величествени“ поглавја.
„Бевме сојузници во две светски војни, заедно го ослободивме човештвото од ужасите на нацизмот, а потоа одигравме клучна улога во поставувањето на темелите на современиот светски поредок“, напиша тој.
„И денес, Русија и САД, како две најголеми нуклеарни сили, носат посебна одговорност за одржување на безбедноста и стабилноста на глобално ниво“, додаде Путин.
На крајот од пораката, Путин им посака на Трамп и неговите најблиски здравје, благосостојба и успех, а на сите американски граѓани среќа и просперитет.












