Две лица – татко и син – загинаа, а едно е тешко повредено откако напаѓач отвори оган врз ловна група во близина на Халден, во јужна Норвешка, соопшти денеска локалната полиција.
Полицијата наведе дека осомничениот, маж на возраст од дваесет и неколку години, бил задржан на местото на настанот, а потоа и приведен.
Според информациите, тој не бил член на ловната група и се сомничи за убиство.
Според норвешкиот јавен сервис НРК (NRK), пукањето се случило за време на собирањето на ловната група, токму во моментот кога се одредувале ловните позиции.
Полицијата била известена околу 7:30 часот наутро по локално време дека неколку лица биле застрелани на локација во Халден.
Околу половина час подоцна, беше соопштено дека полицијата добила пријави за пукањето и дека осомничениот е приведен.
„Ова е многу сериозен и трагичен настан што длабоко ги погоди многу луѓе. Нашите мисли се со семејствата на жртвите“, изјави вршителот на должноста началник на полицијата, Вибеке Шојен.
Општина Халден формираше тим за кризно реагирање, изјави градоначалникот на Халден, Фредрик Холм, за НРК.
Халден се наоѓа на приближно 96 километри југоисточно од Осло, во близина на границата со Шведска, пренесе „Танјуг“.












