Кејти Закарија, која неодамна беше назначена за портпаролка на Белата куќа, се огласи по ненадејниот крај на нејзиниот ангажман на таа функција, по само пет работни дена. И покрај сè, таа имаше само пофални зборови за американскиот претседател Доналд Трамп.
Таа му се заблагодари на Трамп за укажаната можност.
„Претседателот Трамп е љубезен, прекрасен, благороден, внимателен, полн со ентузијазам и исклучително вреден човек. Би сакала повеќе Американци да го ценат. Никој никогаш нема да ја направи Америка голема на начинот на кој тој го направи тоа – и продолжува да го прави. Беше чест да се работи за него“, изјави таа.
За потсетување, на 16 октомври, Трамп јавно ѝ сугерираше на својата тогашна портпаролка, Кејти Закарија, „повторно да размисли“ дали да остане на таа позиција – само неколку дена откако таа ја презеде функцијата.
Американскиот претседател тврди дека медиумите се однесувале „многу, многу лошо“ кон неа во текот на изминатите неколку дена.
„Ја прашав: ’Кејти, дали e ова за тебе? Зашто, искрено, ова не ти треба. Не мора да дозволиш да се однесуваат толку лошо кон тебе‘“, им рече Трамп на новинарите пред Белата куќа.
Тој ја опиша како „многу пријатна личност“ и додаде дека ѝ дал совет: „Да бев на твое место, би размислил за тоа“.
Вреди да се напомене дека нејзиниот прв брифинг со новинарите во вторникот траеше помалку од 15 минути, при што таа одговори на само три новинарски прашања.












