Првите студенти-практиканти почнаа со работа во Општина Центар

46

Студентите кои успешно ја поминаа селекцијата започнаа со практична работа во Општина Центар. Тие вчера беа на средба со градоначалникот Горан Герасимовски.

-Ова не е само формалност, туку вистинска можност да бидете дел од реалните институционални процеси и да стекнете практично знаење. Стара вистина е дека еден грам искуство вреди повеќе од тон теорија , затоа искористете ја шансата, вклучете се и активно градете ја вашата кариера и иднина – им порача Герасимовски на младите практиканти.

На првиот јавен повик примени се вкупно четворица практиканти – двајца во одделението за ИТ, еден во финансии и еден во јавни набавки. Практикантите ќе бидат ангажирани четири часа дневно во период од шест месеци, со месечен надомест од 15.000 денари. По завршувањето, секој студент ќе добие официјална потврда за реализирана практична работа во рамки на локалната самоуправа.

Дополнително, од 1 јули ќе биде објавен нов оглас за практиканти, со посебен фокус на студенти од градежен, архитектонски и правен факултет.

-Општина Центар останува посветена на поддршката на младите преку создавање можности за практична обука, стекнување професионални компетенции и поврзување со јавниот сектор. Целта е изградба на генерации што ќе бидат подготвени и конкурентни на пазарот на трудот – потенцираат од локалната самоуправа.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ