Македонија и Бугарија ги придвижуваат работите околу железничкиот коридор 8. Бугарија конечно се изјасни заеднички да се гради тунелот кај Деве Баир на железничкиот коридор 8, но и посочи конкретен датум до кога може да се очекува воз да пристигне на границата со Македонија.
После многу преписки преку медиумите кој ја кочи изградбата на тунелот кој не води никаде, министрите за транспорт на Македонија, Александар Николоски и на Бугарија, Гроздан Караџов во рамки на форумот „Глобална транспортна поврзаност“ што се одржа во Истанбул договорија преку дијалог двете земји да најдат решение за ветувањето што го дадоа лани во ноември на состанокот со претставниците од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, како и посредници од Европската Унија за железничко поврзување. На таа средба Бугарија ги прифати предлозите на Николовски – трансграничниот тунел Деве Баир да го гради еден изведувач, а Бугарија да го заврши својот дел од пругата од станицата во Ќустендил до македонската граница.
Николоски и Караџов се договорија заеднички да се усогласи текстот на договорот за изградба на тунелот. Како што соопштија од ресорното министерство, двајцата министри договориле заеднички да се усогласи текстот на договорот со кој треба да се постигне согласност двете земји заедно да го градат тунелот. Во јули Европската комисија организира состанок за коридорот 8 на кој експерти ќе испратат и Македонија и Бугарија. Од бугарското Министерство за транспорт информираа дека Бугарија е подготвена да вложи 1,5 милијарди евра во модернизација на железницата од Софија до границата со Македонија, а според најавите оттаму првиот воз на границата со Македонија би пристигнал до крајот на 2028 година.
Од македонското Министерство за транспорт и врски во повеќе наврати се истакнуваше дека нема откажување од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но дека не може да се прифати реализација на проект што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има најав од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко поврзување.
– Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји, и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа. Мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија сѐ со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството. Исто така мора да се ревидира и цената, бидејќи сметаме дека е превисока – нагласија од македонската страна пред осум месеци.
Пред три месеци од Бугарија дојдоа информации дека подготвиле и доставиле до македонската страна нацрт-договор во кој предлагаат со потпишувањето на документот од свете земји да се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот, што треба да биде во согласност со европското и националното законодавство на двете земји.
– Двете земји треба да се договорат кој од нив ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на градба. Планирано е управителите на железницата на Бугарија и Македонија да создадат заеднички работни групи за да ја подготват потребната документација за тендерските постапки. Во рок од три месеци од стапувањето во сила на договорот, Бугарија и Македонија треба да подготват и да испратат до Европската комисија и финансиските институции заеднички распоред за реализација на изградбата – се наведува во нацрт-договорот и се додава дека двете страни ќе вложат максимални напори да обезбедат грант помош за изградба на објектот и неговата соседна железничка инфраструктура, во согласност со барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (ТЕN-Т).
Се уште нема понуди за финансирање на брзата пруга, рокот е пролонгиран до 7 јули
Се уште нама пристигнато понуди од банки и меѓународни финансиски институции за финансирање на брзата пруга на коридорот 10 од Табановце до Гевгелија на повикот што го упати Министерството за финансии на предлог на Владата. Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека станува збор за комплесен проект и дека на барање на две банки (НЛБ Словенија и една банка од Дубаи) кои што покажаа интерес да бидат дел од проектот, рокот за доставување понуди е пролонгиран до 7 јули со што бројот на институции од кои се чека понуда од првичните 22, се искачи на 24.
– Интересот е многу голем. Ние пуштивме барање за понуда до 22 институции, а дополнително ни се јавија уште две. Нормално дека во интерес на државата треба да обезбедиме понуди и што е можно пониска цена за железничката пруга така што пуштивме дополнително барање и до тие две институции. Има многу прашања и заради тоа го продолживме рокот до 7 јули. Станува збор за комплексен проект и мора да ги разбереме и банките дека имаат потреба од појаснувања. Во постојана комуникација сме – истакна Димитриеска-Кочоска.
(С.Бл.)