понеделник, август 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТАРЕЦ, АФРИМ ГАШИ, НАЈАВУВА ДЕКА СИТЕ ЗАКОНИ ЌЕ БИДАТ СТАВЕНИ НА...

ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТАРЕЦ, АФРИМ ГАШИ, НАЈАВУВА ДЕКА СИТЕ ЗАКОНИ ЌЕ БИДАТ СТАВЕНИ НА ДНЕВЕН РЕД: Собранието нема да биде порта за одење кон предвремени парламентарни избори

– Би требало да не продолжи блокадата, затоа што тоа веќе не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот. Но, ќе видиме како ќе реагираат од ДУИ. Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво – изјави Гаши

0

Процедуралните и други блокади што се прават во македонскиот Парламент нема да бидат причина за распишување предвремени парламентарни избори. Сите закони кои сега чекаат на усвојување и за кои досега не можеше да се обезбеди Бадентеровиот принцип, односно поддршка на пратениците од немнозинските заедници, ќе бидат ставени на гласање на идните собраниски седници. За нив ќе се решава според процедурата предвидена со собранискиот Деловник. Ваква порака денеска испрати претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, на редовниот брифинг со новинарите, зборувајќи за можната поврзаност на блокадата во донесувањето повеќе важни закони што се случува последниве месеци и за можното распишување предвремени парламентарни избори. Она што се случуваше досега со блокадите, преку најразлични процедурални интервенции и со одбивање да се даде поддршка преку задоволување на Бадентеровиот принцип, Гаши го нарече „злоупотреба“. Тој додаде дека на денешниот состанок на координаторите на пратеничките групи присуствувал и претставникот од ДУИ, од чија страна немало најави дека ќе се продолжи со блокадите. ДУИ и другите опозициски партии на Албанците веќе два месеци, преку процедурални забелешки, ги блокираат комисиите и пленарните седници на кои се разгледуваат закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство и најавија дека по одморот, ќе следуваат блокади.

– Би требало да не продолжи блокадата, затоа што тоа веќе не е блокада, туку злоупотреба на Деловникот. Но, ќе видиме како ќе реагираат од ДУИ. Не треба една злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и за тоа може да се решава и на друго ниво – изјави Гаши.

Познато е, во македонскиот Парламент не можат да се гласаат десетина предложени закони, како што се законите за соодветна и правична застапеност, законите од областа на правосудството, од образованието… бидејќи парламентарното мнозинство не може да обезбеди поддршка од поголемиот дел од немнозинските пратеници поради отпорот на ДУИ и на нејзините партнери. Долгата блокада ги поттикна сомнежите дека целта на интегративците е на овој начин да се дојде до одлука да се распушти Собранието и да се распишат предвремени парламентарни избори. Ова калкулација особено се засили откако премиерот Христијан Мицкоски ѝ ја фрли ракавицата на опозицијата, да реши околу одлуката дали треба да има предвремено гласање на граѓаните следната година. ДУИ веднаш ја прифати таа покана и побара итно распуштање на Парламентот, со тоа се согласи и Левица, а само СДСМ не сакаше да биде алиби за нови избори. Оттаму, може да се очекува продолжување на процедуралните блокади и блокадите преку необезбедување Бадентерово мнозинство, по што одлуката потоа ќе биде на премиерот Мицкоски.

Парламентарниот спикер, Гаши, денеска кажа дека законите што чекаат на гласање, сепак, ќе бидат ставени на дневен ред и пратениците ќе решаваат за нив.

– Но сите закони, и оние за кои е потребен Бадентеровиот принцип, ќе ги ставиме на дневен ред на следни седници. Потоа, дали ќе има гласање или не, ќе одлучат пленумот и немнозинските пратеници. Ние ќе го направиме нашиот дел по процедурата и разгледување на истите според Деловникот. Но, се надевам, во текот на месецов, сите закони што дошле досега ќе бидат разгледани, третирани и ставени на седница – најави Гаши.

На прашањето кога точно би се нашле овие предлози на седница, Гаши одговори со зборовите дека „наскоро е релативна временска формулација“, но и дека Деловникот му дава право, како на собраниски спикер, да реши кога ќе бидат ставени одредени точки на дневен ред. Дотогаш ќе прави напори да се најде решение преку дијалог.

Тој нагласи дека тој е поборник за идејата за редовни парламентарни избори, но дека главниот збор околу тоа го имаат лидерите на партиите и дека тоа е политичка одлука. Гаши објасни дека веќе побарал од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да го разгледа неговото барање за да се протолкува деловничката одредба околу „процедурални барања“.

-Седум години се договараме околу Деловникот, при што главна тема беше да нема филибастеринг и блокада на Собранието. Сите партии се договоривме околу тоа да нема блокади и околу законите за кои може да има блокади. А за сите други закони треба да се почитуваат Деловникот и волјата на мнозинството. Така што не е добро за овој собраниски состав, ниту за наредните, да остане една ваква отворена рана, затоа што утре некои други пратеници ќе го блокираат Собранието – порача Гаши.

Опозициските пратеници од редовите на ДУИ досега повеќепати го прозваа Гаши да ги стави блокираните закони на гласање, но тој го одби тоа, повикувајќи се на своето деловничко право. Сега, доколку се стават спорните закони на гласање и не се обезбеди Бадентеровиот принцип за нив, ќе настане нова ситуација, при што топката во играта околу можните предвремени избори ќе биде во дворот на парламентарното мнозинство. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ